Атанасов со убав гол го намали киксот на Јанков

Македонските фудбалери до 21 година, на домашен терен одиграа нерешено 1:1 со екипата на Израел, во рамките на 8-та рунда во квалификациската група 6 за ЕП 2021.

Натпреварот го отвори фудбалерот на Израел, Елиас, кој искористи подарок од голманот на Македонија, Ристо Јанков. По изведен корнер на Абада, нашиот чувар на мрежата лошо ја процени топката и му овозможи на противникот да постигне лесен гол од петерецот. Во вториот дел, Израел имаше неколку добри шанси, а останаа и со неискористен удар од белата точка. Митровски направи почетничка грешка и со фаул во шеснаесетникот го стави на мака својот голман. Но, Јанков се извади за киксот од првото полувреме и успешно ја сочува мрежата по ударот на Алмок. Истиот играч пред тоа промаши уште подобра шанса па не успеа да обезбеди сигурни 3 бодови за Израел.

Пред самиот крај, во 94-та минута, Македонија доби фаул на 19 метри одалеченост и одговнорста ја презеде Јани Атанасов.
Тој беше прецизен и постигна одличен погодок од слободен удар во голманската страна.

Македонија без игра успеа да извлече нерешен резултат. Селекторот Благоја Милевски мора уште подобро да го подготви тимот, па да се надева на две победи од последните две средби и кикс на некоја од репрезентациите кои се пред нас во табелата за најдобрите второ пласирани тимови.

Следниот натпревар го играме со денешниот противник но на гости, во Ноф ХаГалил, на 12-ти ноември.

Сподели

Можеби ќе ве интересира