Македонската фудбалска гордост, на работ од пропаѓање… (I)

Вардар е гордоста на  Македонија, како што е и Макаби на Израел. Ова нема да го признае само навивач на некој ривалски клуб или некој кој не следи спорт воопшто. Зошто? Затоа што е единствен клуб од ова поднебје кој константно играл во Првата лига на Југославија, некој кој има дадено многу македонски и југословенски репрезентативци и кој Скопје и Македонија во тоа време, а и денеска, го претставува во најдобро светло. Па така, не може, а да не се каже дека е гордост на нашата преубава земја.

„Ој Вардаре македонски, ти ја красиш Македонија“. Така звучат стиховите на еден хит. Претходници на Вардар биле Победа и Македонија, градски ривали кои егзистирале пред почетокот на Втората светска војна. 1947 година се формира нов клуб и името го добива по реката која тече низ центарот на градот – воедно најдолгата река во Македонија. Низ целата историја на играњето во „Југо“ фудбалот, 1961-ва го освојуваат единствениот трофеј, а тоа е Купот на „Маршал Тито“. Исто така после т. н. „Шајберизација“, 1987-ма година се изборуваат за пласман во тогашниот Куп на европските шампиони, на местото на Партизан. Тоа се единствени хајлајтови, покрај стандардното играње во Првата лига.

Генерација од 1961 година, освојувачи на Купот на „Маршал Тито“

Распад на Југославија и доаѓање на транзицијата – Време кое трае и до ден денешен во Македонија. Се што вреди се распаѓа или се продава. Многу гигантски фабрики одат во сопствеништво на директорите, политичарите или во стечај. Вардар и понатаму владее со македонскиот фудбал, со повремено туркање на Силекс и Слога Југомагнат од страна на тогашните фудбалски моќници и функционери. Во 2003 година е веројатно најдоброто некогаш што до тогаш му се има случено на овој клуб во поновата историја, ако го изземеме она што се случи во 2017 година. За малку не влезе во Лигата на Шампионите. Еден гол го делеше Вардар од анулирање на резултатот од првиот натпревар со прашка Спарта и играње на продолженија, а понатаму? Можеби би се стигнало и до пенал рулетот, но тука е веќе што би било кога би било.

2008 година клубот е во тежок распад, успева дури и да го доживее највисокиот пораз во историјата. Со 9-1 губи од Милано од Куманово. Натпреварот го одиграа младинци, бидејќи првотимците стапија во штрајк поради неисплатени плати. Неколку месеци подоцна на чело на клубот доаѓа македонскиот бизмисмен Трифун Костовски. За његовите успеси во женскиот ракомет не треба да ви пишувам. Донесени многу засилувања, тогашни актуелни и поранешни репрезентативци, а и засилувања од странство. На местото на тренер е поставен Ратко Достаниќ, кој подоцна ќе добие прекар „Кратко Останиќ“, бидејќи набрзо го напуштил клубот. Клубот уште на почеток почна со маркетинг со цел да ги врати навивачите, но за жал резултатите изостанаа. Исто така, и финансиерот реши после шест месеци да го напушти клубот. Причината беше многу бизарна – наводно е поради нападот на автобусот со играчите од страна на навивачите, додека навивачите тврдеа дека тоа е само изговор за дамнешно спремено напуштање на клубот. Со нив си отидоа и многу играчи. Во клубот влезе (се врати) добро познато лице, Орце Камчев.

После ова проблемите во клубот се зголемуваат, а кулминираат во сезоната 2010/11 кога Вардар како 11-ти тим на табелата, испаѓа од лигата. Тогаш на сцена се појавува добрата вила, како во секој расказ, во вид на градската управа. Градот Скопје ја презема својата најголема светост. По ова следи фузија со екипата на Миравци од Гевгелија и Вардар го зазема неговото место, а Миравци и понатаму останал второлигаш.

После овие случувања, Вардар се засилува и врзува две титули. Сезоната 2013/14 е многу катастрофална. Навивачите на социјалните мрежи почнуваат со акција со цел рускиот тајкун Сергеј Самсоненко да го преземе клубот. Причина се неговите вложувања и амбиции во машката и женската секција на РК Вардар. Ова се остварува конечно во јануари 2014, кога го презема Вардар како единствен понудувач на јавниот тендер. Кога го презема клубот ветува дека клубот ќе го внесе во Лигата на Шампионите, но дали е возможно да замислиме некој клуб од Македонија да влезе во тоа натпреварување со вакви фудбалски (не)прилики?

Сергеј Самсоненко

Вардар за сето ова време во квалификациите за Лигата на Шампионите е сопиран на првиот степеник. Стеауа, Динамо од Загреб, БАТЕ Борисов и АПОЕЛ – беа тие Кербери кои  не му донесоа заработка, подобар коефициент и можеби враќање на луѓето на стадионот.

Кога сме кај превземањето на клубот од страна на Русинот, таа сезона е завршена на петтата позиција. Потоа следува реконструкција на тимот и освоени се три титули по ред. Ова доведува до биланс од десет јубилејни титули, но неуспесите во Купот ги сопре на 5 трофеи од ова натпреварување.

2015 година Вардар добива нов и современ тренинг центар во скопската населба Хиподром, еден од најдобрите на Балканот. Цело ова време, Вардар и понатаму игра на Националната арена, кој е дом од дамнешни времиња, но не е во негово сопствеништво. Со повремена селидба на стадионите во Маџари и Ѓорче Петров, кога стадионот морал да остане спремен за натпреварите на репрезентацијата. И сето ова се случува се до 2017, а што се случува понатаму? Ќе пишувам во продолжението, односно вториот дел од приказната за македонскиот бисер.

Пишува: Мартин МладеновскиReflektor Magazin

Сподели

Можеби ќе ве интересира