Осогово постои и во Англија, клубот бил инспириран од нашиот второлигаш

Македонскиот ГФК „Осогово“, кој се натпреварува во источна дивизија од втората фудбалска лига, со својата појава и функционирање бил инспирација за група на луѓе од Англија. 

Станува збор за фудбалска екипа, големи ентузијасти од градот Портсмут кој е место со огромна фудбалска традиција поради ФК „Портсмут“ (формиран уште во далечната 1898 година).

Групата дошла на идеја да создаде клуб под името ГР (Грасрутс) „Осогово“ што на англиски означува група на луѓе од најосновно ниво а кои функционираат во локална средина. За македонскиот состав слушнале преку социјалните мрежи, па без размислување стапиле во контакт со клубот од Кочани и ги известиле дека се заинтересирани за формирање на клуб во Англија со нивно име.
Од тука, добиле позитивен одговор со голема доза на задоволство и почитување за таквиот подвиг, па клубот како таков постои од месец март оваа година.

„Тимот е составен само од англичани кои се аматерски фудбалери и без ниту еден играч од соседните држави. ГР „Осогово“ се натпреварува во најниското регионално првенство, „Сандеј лигата“, во регионот Госпорт. Од наша страна, беше обезбедена и испратена опрема за одигрување на натпреварите на клубот“, велат од стручниот штаб на ГФК Осогово.

„Сандеј лигата“ е фудбалска лига од најнизок ранг во која натпреварите се играат само за време на викендот, со мали подготовки. Тоа претставува вистинско уживање за самите фудбалери. Играчите наоѓаат малку слободно време по напорната работна недела да се препуштат на нивната омилена игра, да се отргнат од секојдневните обврски.

Моментално, фан групата на овој состав брои околу 150 приврзаници во јужниот дел на Англија, а клубот се финансира преку неколку градски компании од Портсмут.

Сподели

Можеби ќе ве интересира