Тренерот и капитенот едногласни: Имаме должност да го дадеме својот максимум

Тренерот и капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски и Горан Пандев, беа едногласни на последната пресконференција во врска со дуелот против Грузија, од групната фаза во Лигата на нации.

Тие посочија дека ова е напорен и тежок период кога сме без голем број на првотимци, но сите останати имаат должност да го дадат својот максимум и да се потрудат да остварат најдобар можен резултат.

Селекторот нема да може да смета на: Висар Муслиу, Енис Барди, Елиф Елмас, Аријан Адеми, Стефан Спировски, Ферхан Хасани, Егзон Бејтулаи и Кристијан Тошевски.

Атмосферата во екипата е добра, иако не го остваривме планираното во Естонија. Сепак, да не заборавиме дека нашата главна цел ја постигнавме, а тоа е дека Македонија е на чекор до Европско првенство. Утре имаме натпревар со противник кој ќе го сретнеме во големото финале и без разлика на сите отсуства, сите кои ќе истрчаат на теренот, должни се да го дадат максимумот. Прв пат играме три натпревари во седум дена. Селекторот на Грузија исто има проблеми со повреди и отсуства, но на нас селекторите е да го искористиме тоа што го имаме и не очекувам противникот да калкулира со составот, објасни Ангеловски.

Имаме многу нови играчи, секако им треба мотив и јас стојам зад нив. Ќе им пружам поддршка и ќе го дадеме максимумот. Сите што сме тука конкурираме за првите единаесет. Ритамот е пеколен, три меча и многу е тешко. Не може секој меч да се добие, но уверен сум дека утре ќе дадеме се од себе да оствариме нова победа без разлика кој ќе истрча на теренот, рече Пандев.

За Македонија, ова е трета средба во седум дена, откако на 8-ми го совладавме Косово во историскиот дуел за финална средба која овозможува пласман на ЕП, па три дена подоцна имавме гостување во Талин каде извлековме нерешен резултат од 3:3, и сега ни следува и вториот меч од оваа репрезентативна пауза во Лигата на нации. Ова е воедно и борба за првата позиција која води во повисок ранг, лига Б.

Дуелот директно ќе биде пренесуван на хрватскиот спортски канал Спорт Клуб 1 во 20:45 часот.

Сподели

Можеби ќе ве интересира