(ФОТО) Тиквеш го прегази Росоман со помош на „лозарите“, Брегалница се извлече

Денеска во источната дивизија се одиграа сите натпревари од 8-та рунда во македонската втора фудбалска лига, а на запад, тоа утре ќе го сторат Лабуништа и Кадино Скопје.

Во драматична завршница, тимот на Брегалница славеше на гостувањето во Прилеп кај Победа. Гостите во првото полувреме не искористија многу шанси, па водечкиот гол стигна дури во 61-та минута, благодарение на голот на Дарко Стојанов. Победа успеа да го израмни резултатот во 75-та минута преку Филип Димоски. Сепак, подобрата игра на гостите дојде до израз дури пред самиот крај на натпреварот. Во последните секунди од играта, во 95-та минута гол постигна Антонио Митрев и не дозволи кикс на својот тим, кој е во директна борба со екипата на Тиквеш за првото место на Исток.

Нивниот прв конкуретен пак, беше сигурен на гостувањето против Росоман со 0:4 а стрелци на головите беа: Мојсов, Гроздановски, Лазаров и Вареловски. Тиквеш имаше голема поддршка од своите навивачи „Лозари“, кои надвор од теренот го бодреа својот тим во текот на целиот натпревар, па со сигурност можеме да кажеме дека играчите на Тиквеш имале поголема желба за триумф.

Останатите резултати од денешните натпревари на Исток: Плачковица 1:1 Кожув, Кит Го 1:1 Слога Виница и Каменица Саса 0:0 Осогово.

На Запад, лидерот на табелата Гостивар со 1:0 го совлада Вардар Форино. Составот на ФК Скопје доби конкуренција на втората позиција по киксот со Дрита од 0:0, бидејќи Велешта го совлада Велазерими со 2:1.

Во последниот дуел, Кораб победи на домашен терен со 1:0 против Охрид, а утре рундата ја комплетираат Лабуништа и Кадино Скопје.

Сподели

Можеби ќе ве интересира