ФФМ: Натпреварот со Косово најверојатно без публика, средствата ќе бидат рефундирани

Македонската фудбалска репрезентација, на 8-ти октомври со почеток во 20:45 часот, треба да го одигра плеј-оф натпреварот против Косово во рамките на Лигата на нации, кој има тежина на 1/2 финален квалификациски дуел за Европско првенство.

Доколку нашата репрезентација биде поуспешна од противникот, во финалната рунда ќе игра со подобриот од дуелот помеѓу Грузија и Белорусија.

Првичниот термин беше закажан за 26-ти март во 20:45 часот, но поради новонастанатата ситуација со пандемијата од Ковид-19, натпреварот беше одложен. Месец дена пред тоа, билетите беа пуштени во продажба, па голем број од граѓаните кои сакаа да си обезбедат подобро место на трибините купија билети на почеток од месец март. Се уште нема официјална потврда дека мечот ќе се одигра без присуство на публика, но по се изгледа тоа ќе се случи.

Од ФФМ велат дека во текот на наредната недела ќе се излезе со детално соопштение за овој натпревар.

На прашање на Спортски Колектив во врска со веќе купените билети, тие посочија:

Во текот на наредната недела, Фудбалската федерација на Македонија ќе излезе со официјално и детално соопштение во врска со продадените билети. Мечот по се изгледа ќе се одигра без присуство на публика, но средствата од купените билети ќе бидат рефундирани веднаш по донесената одлука за одржување на самиот натпревар.

Останува да го почекаме официјалниот одговор на ФФМ, но доколку остане истата одлука на сила, сигурно е дека на Македонија ќе и недостига огромната поддршка од трибините.

Нашата репрезентација напредуваше две места на најновата ранг листа на ФИФА и сега е 66-та фудбалска земја во светот.

Сподели

Можеби ќе ве интересира