Јунајтед со лош старт, Арсенал на два од два

Манчестер Јунајтед разочарувачки загуби со 1:3 на „Олд Трафорд“ од тимот на Кристал Палас, а Арсенал со пресврт дојде до големи 3 бода и победа против Вест Хем.

Составот на Оле Гунар Солскјер дојде до негатива уште на почетокот од натпреварот со гол на Андрос Таусенд. Во вториот дел, откако со рака играше најслабиот поединец на мечот, Виктор Линделеф, судијата Мартин Еткинсон досуди на белата точка за гостите. Пеналот на Џордан Ају го одбрани Де Хеа, но беше поништен поради прераното излегување од линијата на голот на шпанецот. Вториот обид го изведе Вилфрид Заха и беше сигурен со што го промени резултатот и ја доведе во водство својата екипа со 0:2. Ван Де Бек влезе од клупа наместо вториот кандидат за најслаб играч на мечот, Пол Погба, и постигна убав погодок па со 1:2 внесе мала надеж за „црвените ѓаволи“. Крај на натпреварот стави Заха со вториот негов погодок во 85-та минута.

Арсенал поведе со 1:0 со голот на Александар Лаказет, но пред самиот крај на полувремето Мајкл Антонио постигна погодок и на пауза заминаа со нерешен резултат. Тимот на Микел Артета по убава акција во 85-та минута, одличен продор на Букајо Сака, па со пас во празен простор за Дани Себаљос и асистенција за Едвард Нкетија, дојде во второ водство и до самиот крај успеа да го задржи резултатот. Со оваа победа, Арсенал е на можни 6 поени на стартот од лигата по долго време.

Колото продолжува утре во 13:00 часот на Сент Мери стадионот, каде силите ќе ги одмерат Саутемптон и Тотенхем.

Сподели

Можеби ќе ве интересира