1.МФЛ: Во Тетово “пукна“ петарда, Силекс подобар од Вардар

Македонската фудбалска јавност денеска беше сведок на рундата број 14 од првата машка лига. На стадионот во Тетово се слушна “пукање“ на петарда, додека пак во Кратово, Силекс беше минимално подобар од Вардар.

Составот на Шкендија го декласираше тимот на Македонија Ѓ.П. со дури 5:0, а веќе на полувреме беше обезбедена победата бидејќи на одмор фудбалeрите заминаа со 3:0 позитива. Стрелци на погодоците беа: Елези во 10′, Дориев во 35′, Ибраими во 39′, Нафиу 88′ и Тотре во 90′ минута.

Во Кратово, победата со минимални 1:0 остана кај домаќините Силекс во дерби дуелот со Вардар. На полувреме го имавме истиот резултат од пред почетокот на средбата. Во вториот дел, поконкретен беше Силекс, и стигна до водство во 51′ минута преку погодок на искусниот играч од средниот ред, Денис Ристов. Вреди да се напомене дека, домаќинот играше цело второ полувреме со играч помалку, откако во 44-та минута беше исклучен дефанзивецот Даниел Карчески поради два жолти картони во рок од 15 минути.

Во останатите натпревари, можеме да ја издвоиме сигурната игра на Шкупи против Беласица. Скопскиот тим имаше предност од 2:0 на полувреме, а конечните 3:1 им донесоа второ место на табелата по киксот на Македонија Ѓ.П. Составот на Борец со 2:1 ја победи Струга, во Струмица кај Академија Пандев славеше Ренова со 0:1 а Работнички со ист резултат го совлада Пелистер.

Шкендија останува лидер со 30 бодови, а Беласица на дното со само 9, откако Ренова направи голем исчекор со две победи во последните две рунди.

Сподели

Можеби ќе ве интересира