КОЛУМНА НА ИВАН ЈАКИМОВСКИ: Дали Абрамович ја помина црвената линија?

Иван Јакимовски во слободно време учи и се занимава со спортска аналитика – еден од основачите на gameplan.mk, каде што целта е токму посочување на тој аспект од спортот. Дел е од тимот на Chelsea FC – Supporters Club Macedonia, сертифициран фан клуб на Челси од Македонија.

Во понеделник пристигна веста дека Френк Лампард е отпуштен и дека за нов менаџер на Челси најверојатно ќе биде назначен Томас Тухел, чиј што последен ангажман беше во Париз. Многу познати и помалку познати лица од јавноста, новинари, поранешни фудбалери и речиси сите што имаат врска со фудбалот во Англија, вклучувајќи ги и навивачите на Челси и останатите екипи, имаа негативни реакции на ваквата вест. Тоа ме натера да се запрашам дали отпуштањето на една фудбалска легенда е „новото нормално“ во фудбалот (кое веќе трае преку една деценија, но на кое повеќето „фудбалски романтици“ сè уште не се навикнаа), дали трендот на лесна замена на менаџери ја помина линијата која не смееше да ја помине, или пак Френк Лампард треба да го ставиме на исто рамниште со сите пред и по него кои имаа ваква функција во Челси.

Ќе започнам од тоа што Челси доби под водство на Френк Лампард во последните сезона и половина. Со заминувањето на Маурицио Сари, кое коинцидираше со заминувањето на Еден Азар и со трансфер забраната од УЕФА, клубот беше оставен во тотален хаос. Роман Абрамович и Марина Грановскаја немаа многу време за размислување околу тоа како да направат клубот да остане релевантен во таква ситуација, па мораа да бараат брзи решенија. Ја предвидоа забраната за трансфери, како и трансферот на нивниот најдобар играч, па веќе минатата зима му најдоа замена во Кристиан Пулишиќ, а тешката повреда на Лофтус-Чик, кој стануваше сè поважен дел од ротацијата, ја надоместија со трансферот на единствениот играч кој можеа да го доведат во тие околности – Матео Ковачиќ. Младиот Рис Џејмс брилираше на позајмица во Виган, па откако веќе стана јасно дека на клубот не му се потребни Давиде Запакоста и Виктор Мозес, младиот десен бек беше вратен како идеална замена за капитенот Аспиликуета. Сите позиции беа доволно пополнети за тимот да се бори за место во Лигата на Шампионите.

Но, тоа немаше да го направи клубот релевантен, амбицијата на Абрамович е многу повисока од тоа, а квалитетот не беше ни одблизу доволен за борба за титулата, па без можност за бомбастични трансфери, рускиот милијардер мораше да најде начин како повторно сите да зборуваат за неговиот клуб. Наместо нанадвор, тој заедно со својата десна рака се свртеа внатре во клубот. На Петр Чех,  уште во Баку, откако неговата екипа беше поразена во финалето на Европа Лигата, му беше врачена понуда да се врати „дома“, која што тој без размислување ја прифати. Лампард имаше солидна сезона во Дерби каде што стигна до финалето на плејофот, Мејсон Маунт и Фикајо Томори беа неизоставни делови од неговата екипа, додека таму загубија токму од Тами Абрахам, кој ѝ помогна на Астон Вила да избори пласман во Премиершип по 3 сезони во вториот ранг на англискиот фудбал. Клубот и понатаму беше во хаос, бидејќи јасно е дека никој од нив не е на ниво на Премиер Лигата, а оној што требаше да го води сето тоа нема доволно искуство, но на тоа никој тврдокорен фан на Челси не обрнуваше внимание, а очекувањата беа ниски и алибито веќе беше подготвено уште пред почетокот на сезоната, па сето тоа му одговараше на Лампард. Сè што беше потребно во таа ситуација е да се направи заедништво во клубот и изливи на емоции, а евентуалните проблеми требаше да се решаваат во текот на целиот тој процес, нешто налик на формирањето на државите по распадот на СССР и Југославија, што повеќето од нас го почувствуваа и на своја кожа.  

Целта во првата сезона беше да се дојде до место од Лигата на Шампионите, а Лампард успеа да освои доволно бодови во една таква сезона за да го достигне тоа. Сепак, неговите 66 од минатата сезона, би биле доволни за топ 4 само пет пати во 28-те сезони откако Премиер Лигата беше реформирана, а само во сезоната 1997/98 тие бодови би биле доволни за трето место како што тоа беше случај минатата сезона. Ова го пишувам поради тоа што имаше премногу натпревари на кои токму менаџерот на Челси беше главниот виновник зошто „сините“ не дојдоа до полн плен, но сето тоа се занемари под изговор дека очекувањата се остварени. На почетокот на сезоната сето тоа изгледаше наивно, веќе на првиот натпревар, кога Манчестер Јунајтед го казни неискуството и со молскавични контранапади дојде до победа од 4-0, иако Челси беше подобар во текот на целиот меч.

Со текот на времето, начинот на игра се стабилизираше, но она што го красеше тој млад тим (брзата игра и леснотијата на креирање шанси) опаѓаше, додека на спротивниот дел од теренот сè остана исто. Тимот ја заврши сезоната со 54 примени голови (11-ти во лигата во тој поглед) иако „очекуваните голови“ покажуваа дури 15 помалку, за што делумен виновник се и голманите, но исто така лошиот пресинг (иако тенденцијата да се одигра на таков начин остана низ целата сезона), лошото бранење прекини и многуте индивидуални грешки, како во поставувањето така и со топката, во првата и втората третина останаа во текот на целата сезона. Мејсон Маунт и Тами Абрахам го одиграа најголемиот дел од можните минути во првиот дел од сезоната, но кога беше најважно, Лампард ја призна својата грешка и конечно Оливие Жиру стана редовен стартер, што му донесе успех. Сепак, остана прашањето дали не требаше да го направи тоа претходно и дали резултатите можеа да бидат подобри доколку менаџираше на вистински начин со ресурсите што ги имаше на располагање.

Лигата на Шампионите беше неуспешна, поради лошата игра (и поради недостатокот од поставена структура во екипата дури ниту кога се работи за шутирање пенал) против Валенсија во групната фаза, екипата „налета“ на идниот европски шампион од кој беше тешко поразена во два наврати. Патот во Лига Купот заврши со една бомба на Маркус Рашфорд од слободен удар, а ФА Купот требаше да биде круна на сезоната, бидејќи по победата над Манчестер Јунајтед во полуфиналето на Вембли, екипата изненадувачки во финалето се сретна со Арсенал, а не со Манчестер Сити кој што беше на таа страна на ждрепката. Сепак, иако важеше за фаворит, градскиот ривал беше преголем залак за Челси и втор пат во последните четири сезони му нанесе пораз во финалето на ФА Купот, што остана како единствен неуспех.

Во ковид паузата, веќе се знаеше за неколку засилувања, Хаким Зијех веќе беше осигуран на почетокот на календарската година, Тимо Вернер не можеше да го одигра завршниот турнир од Лигата на Шампионите со својот стар клуб бидејќи неговиот трансфер веќе беше договорен, а за Бен Чилвел се зборуваше неколку месеци, за на крајот веста да стане официјална непосредно по завршувањето на сезоната. Како шлаг на тортата требаше да биде германскиот вундеркинд, Каи Хаверц кој што беше платен околу 100 милиони евра, а за кој се бореа сите великани на европскиот фудбал. Откако стана јасно дека Лампард не може да ја засили одбраната со Кулибали, Данк, Тарковски или Стоунс, управата се сврте кон Тиаго Силва, кој на крајот на август играше финале на Лигата на Шампионите, по што неговиот договор истече и стана слободен играч. Со сите овие засилувања, екипата мораше да напредува во однос на своите ривали и веќе не можеше да се задоволи само со топ 4, доколку тоа значеше разлика од 15 и повеќе бодови во однос на Ливерпул и Манчестер Сити.

Иако е навикнат на таков притисок и има победнички менталитет, Френк Лампард не знаеше како да се носи со него во ваква нова улога. На почетокот екипата играше очајно, победата против Брајтон беше незаслужена, како и бодот против Вест Бромвич Албион кој водеше со 3-0 на полувремето. Помеѓу нив беше натпреварот против Ливерпул кој беше заслужено загубен и веќе на првата репрезентативна пауза екипата отиде со загубени 5 бодови од можните 12, на што додадоа уште два веднаш на првиот натпревар назад иако водеа со 2-0 и 3-2 на неколку минути пред крајот, кога се покажа како грешка тоа што Лампард го користеше Каи Хаверц на позицијата 8, бидејќи првиот гол на Саутемптон дојде токму при една таква ситуација кога тој мораше да се врати по топката длабоко на својата половина и притоа направи грешка што Дани Ингс ја казни. Од тој момент, екипата влезе во одлична серија, но проблемите во играта за оние кои посериозно го следат фудбалот беа видливи.

Екипата потроши огромни средства, но Лампард кој што сето тоа требаше да го вклопи, одлучи дека сите тие неверојатни таленти треба да се прилагодат на Мејсон Маунт и Тами Абрахам. Поради тоа, Тимо Вернер го користеше како класично лево крило, Каи Хаверц кога играше, тоа беше на неприродна позиција, а кога требаше Ковачиќ да биде стартер, тоа беше на местото на Хаверц, а не на Маунт, кој што одигра 90 минути на последните 13 натпревари на кои Лампард го предводеше тимот во Премиер Лигата. Н’Голо Канте го користеше на позицијата 6, Курт Зума играше покрај Тиаго Силва на десната стоперска позиција, а Рис Џејмс беше стандарден како десен бек. Сето тоа изгледаше одлично додека на распоредот беа екипи кои не играат пресинг, односно чиј што напаѓачки потенцијал е доста низок.

Првиот проблем дојде против екипата на Евертон кога Пулишиќ и Зијех се здобија со полесни повреди, а од тогаш до крајот на ерата на Лампард тимот имаше 2 победи, 1 нерешен резултат и 5 порази. Бидејќи тактиката на Лампард беше базична, а форсирањето на млади играчи (без притоа воопшто да напредуваат низ сите тие одиграни минути) – потполно беспотребно во моменти кога екипата е полна со толку многу талент, резултатите беа единственото нешто за што имаше смисла Френк Лампард да биде на челото на стручниот штаб. Во опишаниот период тие исто така престанаа да одат во негова корист, па логично беше дека е време да се стави крај на сето тоа. На крајот, обидот на клубот да се сврти кон својата внатрешност и да се формираат „домашни“ основи на кои ќе се изгради нешто за иднината завршува со едно известување на официјалниот веб сајт, каде што заедно со сите пофалби и заблагодарувања, можеше да се прочита и нешто што до сега е без преседан – изјава од Роман Абрамович со што уште еднаш се покажа значењето на Френк Лампард за Челси.

Сепак, меѓу сите тие реченици кои предизвикуваат многу емоции за фановите на Челси, беше една што по мене е клучна, со која што може да се опише целиот мандат на Френк Лампард: „Тимот остана без јасен пат до одржлив напредок“. Ова го покажуваат и сите базични и напредни статистички показатели, каде што Челси оваа сезона е доста полош во однос на минатата. Тоа е недозволиво да се случува во една екипа каде што главните пофалби пристигнуваат на сметка на доделувањето на минути на млади играчи, кои доколку системот функционира, би требало да напредуваат како индивидуално, така и колективно, но тоа не се случи. Притоа, помеѓу тие две сезони се донесени 5 супер-квалитетни засилувања кои би требало веднаш да имаат позитивно влијание, со оглед на огромните вложувања. Кога сето тоа не може да се види и до половина од сезоната во еден современ фудбалски клуб, несомнено е дека е време за ресет, дури и кога тоа подразбира откажување од една таква личност која има огромен удел во изградбата на она што денес е Фудбалскиот Клуб Челси.

По неговото заминување, клубот и понатаму ќе остане во хаос како што тоа е случај во последните 30 години, но сега веќе сите се помирија дека тоа нема да се смени во догледно време. На Стемфорд Бриџ пред почетокот на првиот натпревар под новиот менаџер, можеше да се слушне легендарниот Фреди Меркјури и хитот од 80-тата година: Another one bites the dust, што е уште еден доказ дека „циркусот продолжува“, како што напишаа неколку навивачи од Лондон во знак на протест против целата оваа ситуација. Разликата е само во тоа што сега на негово чело е еден друг живописен лик, чии што тактички преференции и менталитет заслужуваат уште една цела колумна, но за тоа во некоја идна прилика.

Мислењата изнесени во колумната, не се ставови на sportskikolektiv.mk.

Сподели

Можеби ќе ве интересира