ЕВРОЛИГА: Први службени победи поради позитивни тестови, ни следува ли „меур“?

Дисциплинската комисија на Евролигата денеска одлучи дека натпреварите на Зенит Петерсбург закажани за 3-та и 4-та рунда ќе ги добијат противниците со службен резултат од 20:0.

Вчера на програмата беше првиот меч кој требаше да се одигра во 21:00 часот во Виторија. Тимот на Басконија остана сам откако играчите на Зенит не допатуваа. Екипата од Русија немаше 8 подготвени играчи, а ќе нема ни во следната 4-та рунда која требаше да се одигра утре, исто така во Шпанија од 21:00 часот, но овој пат против составот на Валенсија.

Имаше уште еден одложен дуел. АСВЕЛ пријави двајца играчи со позитивен Ковид-19 тест, па Панатинаикос не можеше да ја одигра средбата на гостувањето во Франција. За тој случај, се уште нема официјална одлука.

Вчера беше објавено дека и Никола Миротиќ е во изолација, ама сепак, Барселона со 66:71 го совлада тимот на Понсарнау.

Според неофицијални информации, се размислува за воведување на познатиот „меур“. Тој беше применет за доигрување на НБА сезоната 19/20 а се играше во една сала каде тимовите беа изолирани од останатиот свет. Можеби се уште е рано, но по се изгледа вака тешко ќе оди новата сезона која беше започната иако ситуацијата не беше под контрола на ниво на Европа.

Денеска се планирани четири средби од 3-та рунда, па останува да видиме како ќе се одвиваат работите и во следните два дена.

Сподели

Можеби ќе ве интересира