Историја во Аеродром – „пулените“ на МЗТ запишаа прва победа!

Историска победа запиша вториот тим на МЗТ Скопје Аеродром во дуелот со ФМП Академија, откако на домашен терен славеше со 88:77.

Следбениците на првиот тим на МЗТ, конечно остварија една победа во машката кошаркарска Суперлига на Македонија. Минатата сезона ја завршија можеби и очекувано на последното место без ниту еден триумф и 17 изгубени натпревари. Но, оваа година многу бргу го пробија ледот и пред младите талентирани кошаркари следуваат нови предизвици, за кои со сигурност ќе бидат повеќе мотивирани. Поискусниот и посилен противник беше во позитива само по првите 10 минути, а на полувреме заминаа со 38:32.

Лука Савичевиќ со 21 поен (6 тројки од 9 обиди) беше најпрецизен во МЗТ 2, додека Роберт Монтгомери имаше 19 поени со 20 скокови. Двоцифрен поентерски учинок имаа уште и Максим Митевски со 15 и Дарио Митевски со 11 поени. Кај гостите, Атанасов имаше 18, Херис 17 и Крстајиќ 15.

Денеска се одиграа уште 3 натпревари во рамките на 10-та рунда. МЗТ Скопје рутински славеше над Црн Дрим со 104:67, Еуро Никел лесно се справи со Вардар и ги однесе бодовите со 68:94, а ТФТ Скопје на домашен терен го изненади Гостивар, 81:73.

Првиот дел од сезоната утре го завршуваат екипите без пораз, Работнички и Пелистер, со почеток во 17:00 часот.

Сподели

Можеби ќе ве интересира