Историја за новиот клуб – ТФТ направи победничко „сефте“ во Суперлигата

Кошаркарскиот клуб ТФТ Скопје од Тафталиџе ја забележа првата победа во историјата на клубот во рамките на најсилното национално првенство.

Составот на Боро Смилковски оствари победа од 79:69 на гостувањето во Струга, против КК Црн Дрим. За ТФТ Скопје ова е прва победа во националното првенство откако за прв пат настапуваат во најелитната лига. Во првата рунда беа неуспешни во Куманово, но во втората, го направија победничкото „сефте“ и го пробија ледот.

Најефикасен во ТФТ беше американецот Тајрон Харис со 33 поени, 9 скокови и 3 асистенции. Плејмејкерот имаше индекс на корисност од 34. Веднаш зад него, најрасположен беше крилниот центар, Лахлан Андерсон со 18 постигнати поени.
Во домашниот тим, Кори Рос одигра 40 минути и беше најефикасен со 27 поени, пред Жао Марсело со 17.

И за тимот на Црн Дрим ова е почетнички настап во Суперлигата, па првата победа ќе ја бараат во следната рунда на домашен терен против незгодниот Еуро Никел, кој е апсолутен фаворит.

ТФТ Скопје во следниот натпревар гостува кај Вардар, па има одлична шанса за уште еден супер меч и втора победа.

Моментално се играат уште 4 средби. Во Куманово гостува МЗТ (2) Уни Банка, Еуро Никел го пречекува скопски ФМП, во Гостивар се игра дерби дуелот со Работнички, а МЗТ Скопје го организира мечот со Кожув. Одложен е натпреварот помеѓу Пелистер и Вардар.

Сподели

Можеби ќе ве интересира