КК Куманово на мини-турнеја во Црна Гора – ќе бидат ли само туристи или ќе се вратат со успех!?

Екипата на Куманово, за помалку од еден ден ќе одигра две средби во регионалната БИБЛ Лига – првин со Тиват, натпревар од седмата рунда, а утре со Ибар Рожаје, одложена средба од четвртата рунда.

Денешниот меч е со почеток од 18:00 часот, каде Куманово ќе ја бара својата четврта победа во осмиот натпревар оваа сезона, бидејќи досега забележа 4 порази. Првата средба во Македонија заврши со 78:83 за гостите од Тиват, иако нашата екипа имаше „егал“ пред почетокот на последната четвртина. Противникот има исто така негативен биланс, но со 2 одиграни рунди повеќе – 4 победи и 5 порази.

Втората средба се игра утре од 17:00 часот против тимот на Ибар од Рожаје. Екипата има 3 победи и 5 порази, со што е директен конкурент, заедно со ТФТ Скопје за последната четврта позиција која води во втората фаза. Првиот дуел во Куманово го добија црногорците со 79:81 – натпревар во кој го диктираа темпото во текот на целото второ полувреме и не покажаа несигурност во својата игра.

По овие два настапи, во последната рунда Куманово ќе треба да го пречека составот на бугарски Берое. Шансата за пласман и нови натпревари во оваа сезона се токму овие средби против црногорските екипи. Доколку се дојде до максимален учинок, односно две победи, Куманово ќе има скор 5/4 и ќе обезбеди Топ4, без разлика на резултатот од последниот меч на почетокот од месец февруари.

Главна улога во тимот ќе имаат Американците Рос и Ливингстон, но и врвниот скокач и чувар под обрачите, Андрејевиќ. Нормално, како и за целиот тим, ова ќе биде голем предизвик и за новиот тренер на кумановци, кој на домашен терен дебитираше со пораз во националното првенство.

ФОТО: @kkkumanovo

Сподели

Можеби ќе ве интересира