НБА: ПАЦИФИК 2020/21

Откако во претходниот текст наменет за НБА ја претставивме Централната дивизија, каде играат Милвоки, Индијана, Атланта, Детроит и Кливленд, денеска на ред е Пацифичката дивизија.

ЛОС АНЏЕЛЕС ЛЕЈКЕРС

Што ќе се случеше да не се организираше баблот во Орландо и дали Лејкерс ќе освоеше титула? Прашање кое за жал нема одговор. Но, минатата година имаа мотив како никогаш до сега да ја застанат на врвот, а тоа е смртта на иконата на клубот и еден од најдобрите кошаркари на сите времиња, Коби Брајант. Така, стигнаа до седумнаесетата титула во историјата, иако во еден дел од одржувањето на турнирот во Дизниленд, се закануваше уште еден прекин на сезоната, овој пат поради протестите во САД. За споменување е и дека Лејкерс, со оваа титула, се изедначија по бројот на освоени шампионати со најголемиот ривал Бостон.                          

Што правеа ова лето? Доста работи, најнапред двата клучни играчи, ЛеБрон Џејмс и Ентони Дејвис потпишаа нови договри. Корисните ветерани Џаред Дадли и Маркиф Морис исто добија продолжување на договорите. Клубот го напуштија Двајт Хауард, Џавал МекГи и Ејвери Бредли, но и двата клучни играчи за освојување на титулата, Раџон Рондо и Дени Грин, кој сепак одигра под своето ниво. Но и да сакаа, веројатно не можеа да состават подобар тим. Најнапред, од лутиот градски ривал стигна Монтрецл Харел, кој лани беше прогласен за шести најдобар играч, Весли Метјус и шампионот од минатата сезона, шпанецот Марк Гасол. Големо засилување е и германецот Денис Шредер, кој игра на позицијата плејмејкер. Преку трејд со Кливленд, стигнаа Алфонсо МекКини и Џордан Бел, но од нив не се очекува многу. Треба да се напомене дека клубот ги задржа Кентавиус Колдвел Поуп, Алекс Карусо и Кајл Кузма, кои беа од голема помош на тренерот Френк Вогел.

Очекувањата се едноставни – да се одбрани титулата од минатата сезона. Иако ЛеБрон Џејмс не е во цветот на младоста, сепак се очекува и понатаму да игра во ист ритам. Од Ентони Дејвис се очекува да биде носител, па ако се види конкуренцијата, единствен поголем противник може да си бидат тие на самите себе.

ЛОС АНЏЕЛЕС КЛИПЕРС

Лани фаворитот за титула доаѓаше од градот на „ангелите“. За жал, на фановите на Клиперс и почитувачите на ликот и делото на Кавај Ленард, таа заврши кај другиот тим од овој град. Иако многу очекуваа висок пласман, потфрлија во полуфиналето и тоа на крајно разочарувачки начин – после 3-1 водство против Денвер, ја завршија борбата за „прстенот“. 

Првата промена која дојде, беше заминувањето на тренерот. Док Риверс по неколку сезони доби отказ, а него го наследи Тајрон Лу, човекот кој ја освои титулата со Кливленд во 2017. Од играчкиот кадар, останаа без: Шејмет, МекГрудер и Харел. Првите двајца отидоа во размена за Кенард, а Харел замина кај лутиот градски ривал, Лејкерс. Но, не е се така црно освен Кенард кого го споменавме горе, бидејќи дојде и Серж Ибака од Торонто на 2 годишен договор. Искуство за освојување на титула има, бидејќи со Ленард веќе беа на врвот пред една година. Многумина сметаат дека е грешка што им дадоа силни договори на Морис и Џорџ. На ветерански минималец е доведен и Николас Батум, кој разочара за време на својот мандат во Шарлот, а уште едно засилување добија во Ки Боуман.

Што да се очекува од нив? Па, како екипа која важи за контендер за титулата, секако дека истото е очекувано, ако ја научија лекцијата од минатата сезона, а тоа е дека во регуларниот дел не е како да отидат на екскурзија и дека за да се освои титула мора да се мисли, тогаш за очекување е минимум да го играат големото финале.

ГОЛДЕН СТЕЈТ ВОРИОРС

Трикратниот шампион во последните шест изданија, лани беше лишен од услугите на Клеј Томпсон поради добро познатата повреда, како и честите повреди на Стеф Кари, а среде сезона, Анџело Расел го трејдуваа за Вигинс од Минесота. Mинатата сезона според мислењето на многу познавачи на кошарката, “танкаа” со цел да заработат подобро место на драфтот, што се и оствари кога ја добија втората позиција на лотаријата. Исто така, поради слабиот ростер, „воините“ не добија шанса да ја доиграат сезоната во балонот во Орландо. Па таман кога надежите за титулата се вратија, Клеј Томсон го снајде нов пех и нова тешка повреда која ќе го одалечи од терените доста долго време. Со него ќе недостига шут, креација, но и играч кој може да одговори во двата правци. Сепак, покрај Кари и Дрејмод Грин, голем број на играчи може да дадат многу, отколку во други средини, како Вигинс, Оубре, Луни. Како втор пик на драфтот, беше избран Џејмс Вајсман, а покрај Оубре кој дојде од Оклахома, стигнаа како слободни играчи и Бред Вонамејкер и Кент Бејзмор. Како пикови во втората рунда, од 48 позиција го одбраа Нико Манион, а на 51-то место беше Јустиниан Јесуп.

Густиот распоред исто така може да доведе до повреди кај некои играчи. Она што очекува Стив Кер е играње одбрана на висок ниво и да бидат топ 10 во тој сегмент. Многу се очекува од Вигинс, кој е и цел на можен трејд за подобар играч. Најоптимистично и најреално е да влезат во плеј-оф од некоја од средните позиции, а потоа… ќе видиме!

ФЕНИКС САНС

Лани Феникс беше најдобра екипа пред доигрувањето во баблот во Орландо и за малку не го фатија последниот воз за плеј-оф. Можеби поради неоснованите гласини дека Девин Букер ке ја напушти франшизата или ќе бара трејд, доколку не му се доведат подобри соиграчи, го натера раководството да го доведе еден од најдобрите плејмејкери во лигата, ветеранот Крис Пол. Исто така, потпишан е и финалистот со Мајами, вредниот Џае Краудер. Простор дополнително ќе отвораат и неговото понуштување во рекетот ќе го казнуваат искусните Ленгстон Галовеј и Етвон Мур. Пристигнаа Абдел Надер и Демиен Џонс, кои се плус за оваа екипа. Со нови договори наградени се Дарио Шариќ и Џавон Картер и тоа како важни делови од „сонцињата“. На драфтот како десетти пик беше земен Џејлен Смит.

Од оние кои си заминаа се шпанецот Рики Рубио и Кели Оубре. Центарот Арон Бејнс заврши кај Репторс, Френк Камински ги засили Сакраменто, Ти Џером отиде во Оклахома а Џејлен Лек се пресели во екипата на Индијана.

Доброто издание во Орландо изгледа е задржани, екипата исто така е солидно пополнета, а некои конкуренти на Западот се послаби од лани. Така да пласманот во плеј-офот е можеби нешто што е нормално. Од она што предвидуваат некои експерти, не би требало да не чуди доколку овој клуб оствари 40 победи.

САКРАМЕНТО КИНГС

Се чини дека најмногу се работеше ова лето на бришење на наследството кое го остави Владе Дивац. Монте МекНеир, новиот ГМ направи пресврт во политиката. Дивац кој од Сакраменто сакаше прво да направи тим кој ќе биде во доигравање, а потоа да го засили играчкиот кадар – оваа стратегија беше изразена во доведување на “угледни ветерани” кои би требало да им дадат добар пример на младите. Но, овој концепт не даде успех и Дивац доби отказ, па сега МекНеир ќе има шанса да работи на мир со младото јадро кое остана во клубот.

Кингс преку лето ги напушти Богдан Богдановиќ кој замина во Атланта, потоа Хари Гилс кој отиде во Портланд, Алекс Лен во Торонто и Кејт Бејзмор се врати во Голден Стејт. Со заминувањето на Богдан, моментално е намирен Бади Хилд кој во неколку наврати ја критикуваше управата незадоволен од многу работи, иако како љубмец на сопственикот доби “солен” договор. Многу битен е останокот на Де‘Арон Фокс, експлозивниот плејмејкер кој позади себе имаше скромна сезона. Од новодојдените играчи, се издвојува Френк Камински, кој треба да го засили рекетот на екипата од главниот град на Калифорнија. Слична задача му е поверена и на Хасан Вајтсајд кој пристигна од Портланд. Можеби ќе мислите дека со него направиле добар лов на пазарот, но кога ќе ги видите неговите партии во минатите неколку сезони, сепак не е толку задоволително. Уште еден играч кој својата голема плата мора да ја докаже е Харисон Барнс. Од слободни играчи беше доведен Глен Робинсон, кој може да биде поентер од клупата. Како 12-ти пик на драфтот го одбраа Тајрес Халибартон, комбо-бек кој е силен на топка.

Не може овде да се зборува за некои големи достигнувања, посебно не кога Западот е полн со поквалитетни екипи. Примарна задача е враќање на ентузијазмот, што не е нималку лесна и наивна задача. Сигурно дека Кингси ќе го урнат неславниот рекорд од 14 сезони без плеј-оф. Сепак, доколку тимската хемија се регулира во екипата, може да се постават на темелите на нешто што би било добро за неколку години.

Пишува: Мартин Младеновски

Сподели

Можеби ќе ве интересира