НБА: Северозападна дивизија

Кратко и јасно – на ред е презентирање на тимови од Северозападна дивизија за сезона 20/21.

ДЕНВЕР НАГЕТС

Лани на лудачки начин влегоа во финалето на западната конкуренција. После двете наоѓање на работ од испаѓање по 3-1 против Јута во првата, односно Клиперс во втората, Нагетси се враќаа во игра, но во големото финале беа сопрени од идниот шампион Лејкерс.   

Оваа сезона ќе биде интересна за навивачите на Денвер. Дали можеа да направат подобар тим или не, е доста дискутабилно. Се очекува Мајкл Портер да биде трета опција, бидејќи му се отвори простор. Грант замина во Детроит и тоа дефанзивата ќе трпи, но 20 милиони годишно е нереална цифра. Неговата замена ЏаМихал Грин се очекува делумно да ја пополни таа празнина. Вредно да се спомене и доаѓањето на еден од најдобрите кошаркари во Евролигата, аргентинецот Факундо Кампацо, со кој се очекуваат уште неколку опции во нападот. Освен што со Јокиќ ќе имаат одлична креативност и ќе се забрза нападот на Нагетс, и Пол Милсап доби нов едногодишен договор кој вреди 10 милиони долари. Бидејќи има премногу играчи на бековската позиција, не е исклучен нивен трејд подоцна, а еден од оние на кои најмногу се покажува е Монте Морис, кој со новиот договор од 27 милиони за 3 години, добива на тежина за потенцијална размена. Тимот го засили и Исаија Харенстајн кој би требало солидно да го замени Јокиќ, а како 22-ри пик е избран Зек Наџи, а како 24-ти Ер Џеј Хамилтон.

За тим кој минатата сезона избори финале во западната конкуренција, секако очекувањата се големи. Иако конкуренцијата е многу посилна од ланската, се очекува борба за едно од првите четири места. Се зависи од тоа како Кампацо ќе се покаже и дали Портер ќе се етаблира како трета опција во нападот.

JУТА ЏЕЗ

Јута имаше мирен преоден рок. Освен максималниот договор за првата ѕвезда, Донован Мичел и францускиот репрезентативец Руди Гобер, го одбележа и враќањето на некои играчи и чуден избор на драфтот. Од позицијата 27, го одбраа нигериецот Удоку Азубике од Канзас, кој според многу експерти за драфтот не заслужува место во првата рунда. Во втората рунда, Јута го драфтуваше Елаја Хјуз, крилото на Сиракуза. Главна работа во преодниот рок завршија со враќање на Дерик Фејворс, миленикот на навивачите. Кога играа порано со Гобер, беа најпродуктивни играчи, па оттука е и големо засилување. Како последна аквизиција го доведоа Шек Харисон, кој ќе го одмени Муди од минато сезонскиот тим.

Јута ова лето доби и нов сопственик на франшизата. Тоа е Рајан Смит, кој ја има во сопственост софтверската фирма Квалтрикс. Приказните за селење во друг град паѓаат во вода, затоа што новиот сопственик има потекло од Јута.

Јута минатата година успеа да испадне после водството од 3-1 во првата рунда. Оваа година ќе бидат посилни за одличниот стрелец Богдановиќ, кој се враќа од повреда. Пласманот помеѓу четирите најдбори на Западот е сигурно една од главните цели на тимот, а најважно за успесите на екипата, е сите играчи да бидат здрави.

ПОРТЛАНД ТРЕЈЛБЛЕЈЗЕРС

Минатата година овој тим од Орегон испадна уште во првата рунда од идниот шампион Лејкерс, иако го добија првиот меч, сепак тоа беше се што можеа да покажат.

Оваа оф сезона го трампаа Тревор Ариза за Роберт Ковингтон од Хјустон, Марио Хезоња за Енес Кантер од Бостон. Го задржаа Родни Худ, кој оваа недела одигра прв пат по година дена пауза поради повреда. Го задржаа и корисниот ветеран Кармело Мело Ентони, а се засилија уште со Дерик Џонс Јуниор и Хари Гилс, кои дојдоа како слободни играчи. На драфт како 46-ти пик, изборот падна на Си Џеј Елеби. Солидно, ако се погледне првата петорка со новајлиите Ковингтон и Џонс, плус одличната клупа. Тоа е најдлабокиот ростер на Портланд во ерата на Лилард. Она што е исто така важно е дека го нема Хасан Вајтсајд и неговата огромна плата.

Многу амерички аналитичари не го гледаат Портланд во најдобрите осум на Западот оваа сезона. Најверојатно поради повредите кои лани ги задесија. Одбраната со Ковингтон треба да е подобра, а нападот би требало да не потсети на оној од финалето на западната конференција од 2019 година. Плеј-офот би требало да биде тука, ако се сите живи и здрави, а ако коцките се поклопат и предност на домашен терен не е невозможен.

МИНЕСОТА ТИМБЕРВУЛФС

Очекувањата од овој тим минатата сезона беа поголеми, но Тимбервулфс беа далеку од екипа која може да игра плеј-оф и затоа како на уште неколу екипи и на нив им заврши настапот во лигата во Март. Најмногу на ова му кумуваа повредите на првиот играч Таунс. Очекуваа Вигинс да биде столбот на екипата, но кога видоа дека ништо не бива се фрлија на работа. Од Голден Стејт во трејд го добија Д’Анџело Расел, а назад ги пратија него и првиот пик од рундата во драфтот кој ќе се одржи 2021.

Со цел да се поправи лошиот шут од надвор, каде беа трета најлоша екипа во лигата, од Денвер го зедоа Малик Бизли. Во паузите меѓу двете сезони, одработена е барем на хартија добра работа. Како среќата ги погледна и го добија број 1 правото на избор на драфтот, тие го зедоа Ентони Едвардс, физички супериорен играч. Исто така, се врати и миленикот на навивачите, Рики Рубио. Како 28-ми пик, го одбраа Џејден МекДаниелс.

Вака кога се погледне, за фановите на франшизата од Минеаполис има оптимизам. Таунс доби соиграчот во Расел, со кој се добри пријатели. Тој и Рубио би требало да ја организираат играта, а вториот може да игра и двојка, па да имаат поголема минутажа двајцата. Бизли исто така покажа дека може сериозно да се смета на него. На ова треба да се додаде и првиот играч на овогодинешниот драфт. Но, работите и не се така едноставни, одбраната е проблем за нив, како и слабата клупа. Сепак, најголем проблем е оној надвор од паркетот. Таунс закрепна од повредите, но она што го снајде во животот во последниве шест месеци не е лесен товар за 25-годишно момче и треба да се види колку е ментално спремен сето тоа да го победи (дури 7 членови од блиското семејство загуби поради Ковид-19). Она што би било џек пот за екипата е пласман во плеј-ин турнирот.

OKЛАХОМА СИТИ ТАНДЕР

Ниту една екипа немаше толку пораздвиженост во оф сезоната како тимот кој доаѓа од истоимената држава. Откако испаднаа во доигрувањето oд Хјустон во мајсторката, во првата рунда на плеј-офот, се поздравија со долгогодишниот тренер Били Донован, а два месеци подоцна 35-годишиниот Марк Даигнелт го промовираа како нов тренер. Тој пет години беше тренер во развојните тимови на Оклахома, пред да биде лани назначен како помошник на Донован.

Франшизата која поседува право на најмногу пикови во лигата, дури 18, ги трејдува четирите од петте најдобри играчи. Генералниот менаџер Сем Прести направи дури 11 трејдови, што е најмногу во историјата на една оф сезона. Во размена со Филаделфија го добија Ал Хорфорд, право на 2 играчи и пик на драфтот за 2025, додека во спротивен правец го пратија Теренс Фергусон. За Стивен Адамс ги добија Џорџ Хил, Дариус Милер и право на три пикови. Во размена помеѓу три тимови, го добија Тревор Ариза од Детроит и Џастин Џексон плус два пикови, а во Далас го пратија Делон Рајт. Ти Џеј Лиф и пик на Идијана за драфтот во 2027 беа земени во замена за Џејлен Лек, правото над Касиус Винстон го трампаа за Адмирал Шофилд и право на Вит Крејчи кои доаѓаат од Визардси. Последен трејд беше оној за Крис Пол и Абдел Надер каде го добија Ти Џером и пик за драфтот во 2022. Нa драфтот како 17-ти пик го одбраа Алекс Покушевски, грчкиот репрезентативен центар со српско потекло, а како 34-ти пик го зедоа Тео Маледон. Да споменеме и дека уште два клучни играчи го напуштија клубот, Данило Галинари кој отиде во Атланта и Денис Шредер кој ги засили Лејкерс.

Најлесно што може да им се предвиди е последното место на Западот. Секоја екипа која ќе заврши позади Оклахома, треба да ја смени професијата. Она што ОКЦ поседува е талентот со кој може да се работи. Шај Гилгерус Александер, покажа дека има потенцијал на Ол Стар играч плус имаше одличен ментор минатата сезона. За Хил веќе се распрашуваат плеј оф екипи, па не би не чудило да биде трејдуван за пикови. Како и да е, секој меч ќе биде искуство како за младиот тим, така и за младиот тренер, а присуството на ветераните, ќе биде од помош во соблекувалната.

Пишува: Мартин Младеновски

Сподели

Можеби ќе ве интересира