НБА: ЈУГОИСТОЧНА ДИВИЗИЈА

Утре започнува новата сезона од НБА, а ние сме пред самиот крај – претпоследната дивизија е подготвена. Ви ги презентираме тимовите од Југоисточна дивизија.

МАЈАМИ ХИТ

Дали трикратниот шампион беше пријатно изненадување со играњето во големото финале? И тоа како. Минатата сезона покажа скоро совршена кошарка, благодарејќи на тренерскиот маг, Ерик Сполстра и Пет Рајли. Промени во ростерот немаше многу. Бем Адебајо и Горан Драгиќ добија нови договори. По заминувањето на Џае Краудер, тргнаа во потполнување на дупката на таа позиција. Леонард Мејерс доби нов договор, а од Портланд дојде Мо Харклес, кој е доста потценет играч. Надворешната линија ја засилија со Ејвери Бредли, кој дојде како слободен играч и така значително ги засилија позиците од т. н. двојка, тројка и четворка. На драфт, како 20-ти пик го одбраа Прешс Ачиву, од кој се очекува во некои натпревари да има голема минутажа.

Лани, Џими Батлер докажа дека е прав лидер на екипата. Потпомогнат од младите Робинсон, Адебајо и рукито Хиро, како и со словенечкиот репрезентативец Горан Драгиќ стигнаа уверливо до финалето. Дали ќе ја освоеја титулата, Драгиќ да ги изиграше петте натпревари кои ги пропушти проади повреда, останува прашање, но за оваа сезона минимумот кој се очекува е полуфинале на Истокот. Она што треба да се напомене е и дека ќе се игра подобра одбрана со новите засилувања.

OРЛАНДО МЕЏИК

Не направија ништо, ама баш ништо, што се однесува до случувањата во оф сезоната. Иако имаше гласини дека ќе направат некои потези во фри ејџенси, сепак до тоа не дојде. Нови договори добија Џејмс Енис, Мајкл Картер-Вилијамс и Гери Кларк, играчи кои солидно ја вршеа својата работа. Како 15-ти пик на драфтот го одбраа Кол Ентони, па и Грег Ентони доби свој наследник во НБА лигата. Останува да се види како ќе се подели минутажата помеѓу трите плејмејкери во екипата. Освен Ентони, пристигна и Двејн Бејкон, но тоа не е играч што прави разлика.

На Орландо ќе му недостига Ди Џеј Аугустин кој отиде во Милвоки. Тој им носеше стабилност, а замена за него не е донесена. Помеѓу гласините беше и можниот трејд на Арон Гордон, но до ова не дојде, па така ќе биде интересно да видиме што ќе се случи со него годинава, бидејќи ова му е последна сезона да се наметне како носител на играта.

Тимот од Флорида има екипа која лесно може да се пласира во плеј офот. Меѓутоа, тоа нема да им биде лесно, посебно по заминувањето на Аугустин. Орландо исто така ќе го нема повредениот Џонатан Исак кој ќе ја пропушти целата сезона. Чума Океке ќе ја игра првата сезона, после минатогодишната повреда, а не е познато како ќе се покаже Мо Бамба, кој имаше проблеми со коронавирусот. Потполното закрепнување беше објавено пред неколку дена. Со оглед дека не беа агресивни во преодниот рок, Орландо сфатија дека не се исплати оваа сезона да вложуваат премногу. И понатаму имаат тим кој може да се бори за последната позиција која води во плеј офот, но го нема Аугустин, кој би им ја донел првата победа.

АТЛАНТА ХОКС

Ако некој тим имаше најмногу промени, тоа се дефинитивно популарните „јастреби“. Пред да почнеме да пишуваме за овој тим, за кој играше Перо Антиќ, треба да се спомене дека пред прекинот на сезоната поради добро познатата причина, кариерата во оваа франшиза ја заврши една од легендите на НБА, Винс Картер. Просторот во капот изнесуваше 44 милиони, па ГМ-от на Атланта, Тревис Шленк, со овој буџет се фрли во работа за составување на тимот. После 3 години обид за ребилдинг, дошло време „јастребите“ да се вратат во резултатски егал. Се што требаше да се направи во оваа франшиза е да му се доведат соиграчи на Треј Јанг, кој докажа дека може тимот да го носи на грб. Со ова, Шленк успеа да ги доведе веројатно двата од трите најдобри слободни играчи – Данило Галинари и Богдан Богдановиќ. Кога ги доведе овие два капиталци, следуваше пополнување на ростерот во склад со тимските потреби, па беа доведени шампионот Раџон РондоКрис Дан и Соломон Хил. Нови лица се и Тони Снел кој дојде од Детроит и Онјека Оконгву кој беше избран како 6-ти пик на овогодинешниот драфт. Така со спојот на младоста и искуството околу Тре Јанг е составен респектабилен состав. За споменување е и дека Аталанта доби големо засилување во стручниот штаб, довчерашниот тренер на Индијана, Нејт МекМилан, кој ке биде еден од асистентите. За жал сезоната заврши рано за нив. По прекинот на шампионатот и пред негово продолжување, беше утврдено дека Атланта нема шанси за влез во плеј-офот, така да беше изоставена за балонот во Дизниленд. Оваа година, гледајќи го ростерот кој на располагање го има тренерот Лојд Пирс, минималните очекувања од навивачите е самиот влез во плеј оф разигрување.

ШАРЛОТ ХОРНЕТС

Шарлот е уште една екипа која немаше шанси да игра плеј-оф и затоа не доби покана за турнитот во Дизнилед. Франшизата во сопственост на еден од најдобрите кошаркари во историјата како уште неколку тимови својот последен натпревар го изигра во месец март. Една од бомбите, што се однесува до трејдовите, одекна во Шарлот. Имено, од Бостон го зедоа Гордон Хејворд на кого му дадоа договор на 4 години вреден 120 милиони долари. На драфт лотаријата, го добија третото место и го искористија така што го одбраа ЛаМело Бол, кој е се само не сигурен проект, но бидејќи знаеме каков беше овогодинешниот драфт, се е коцкање. Инаку, ЛаМело е најмал од тројцата браќа Бол кои играат во НБА. Ростерот беше пополнет и со Бијомбо, како и со изборите од втората рунда на драфтот Грент Рилер, Вернон Кери Јуниор и Ник Ричардс

Популарните „Стршлени”, после долго време ги напушти и Ник Батум, играчот кој доби добар договор, а поради повредите не покажа ништо. На крај, беше отпуштен за да се направи простор во селери капот за Хејворд. Што се однесува до очекувањата од оваа екипа, лани Шарлот играше на моменти добра кошарка. Беа дури и блиску да добијат покана за Орландо, но извисија за конец. Лани беа во најспорите екипи во лигата, па тренерот Борего ќе мора да работи на подобрување на овој сегмент. Прогнозата е дека ќе се борат за доигрувањето до последен момент.

ВАШИНГТОН ВИЗАРДС

Минатата година беа фасцинантни од неколку причини. Клучната беше таа како ја жртвуваа одбраната за да го маскимизираат нападот. Тоа ги чинеше конкурентни за влез понатаму, иако имаа најлоша одбрана во лигата. Повредите ги искасапија, но сепак стигнаа до деветтото место на Истокот и за малку не се пласираа во плеј офот.

Џон Вол, кој не играше година дена го трампаа во замена за Расел Вестбрук со Хјустон. Го зедао и Робин Лопез како слободен агент, а како право на 9-ти пик на драфтот го одбраа Дени Авдија. Она што сега мора да го поправат е одбраната, најмногу им треба енергија во скокот, бидејќи повеќе од оваа негативност на дефанзивците не може да направат. Нападот и понатаму би требал да биде солиден. Слабиот шут на Рас, треба да го замаскираат така што ќе го натераат помалку да шутира а повеќе да оди кон кошот.

Ако Вестбрук пак не ги продаде, како што правеше во бившите клубови, и ако Индијана има проблеми и понатаму со повредите на Оладипо, а Атланта не го воигра тимот, тогаш е реално да се очекува осмо, па дури и седмо место на Истокот.


НАДОПОЛНУВАЊЕ НА ЦЕНТРАЛНА ДИВИЗИЈА – ЧИКАГО БУЛС:

Легендарната франшиза ова лето доживеа крупни промени. Артурас Карнишовас кој е заменик претседател за спортски операции го отстрани дуото познато како ГарПакс, т. е. Гар Формен како ГМ и Џон Паксон кој беше на неговата функција. Овие двајца беа сметани за канцер на франшизата, а откако ги смени нив, отказ доби и тренерот Џими Бојлен. Него го наследи довчерашниот тренер на Оклахома Сити, Били Донован. Карнишовас и генералниот менаџер, Марк Еверсли го добија четвртиот пик на драфтот, кој го потрошија на доведување на крилото Пет Вилијамс, додека во втората рунда го избраа србинот Марко Симоновиќ. Она што направи Артурас преку летото е чување на место во капот за следната година, кога многу ѕвезди ќе бидат слободни агенти. Во екипата дојдоа и Гарет Темпл, Девон Дотсон, Ноа Волен и Зак Норвел. Тимот го напуштија Макс Струс, Шек Харисон и Крис Дан.

Со промена на тренерот, Чикаго сигурно ќе ја подобри и играта. Она што се потајно очекува е борба за плеј ин турнирот, т. е. за деветтото и десеттото место, но кога ќе се види конкуренцијата, Чикаго е убедливо последен според шансите. До кај 25 победи е реалното очекување, а се испод тоа ќе се смета за неуспех.


Пишува: Мартин Младеновски




Сподели

Можеби ќе ве интересира