Подготовките стартуваат за две недели, Тодоров: Ќе биде напорно, идеално би било да тргнеме без проблеми!

Подготовките за февруарскиот „прозорец“ на ФИБА кој предвидува настап на турнирот во Перм, ќе стартуваат на 10-ти февруари во Скопје, за КФМ.МК потврдува селекторот на нашата најдобра машка селекција, Александар Тодоров.

„Претходно, оние играчи кои ќе бидат во Скопје, ќе ги поминат задолжителните тестирања од Ковид-19. Откако ќе ги добиеме резултатите, почнуваме со работа“ – вели Тодоров.

Според плановите на стручниот штаб на „црвено-жолтите“, во Скопје ќе биде реализиран уводнито дел од подготовките.

„Ќе работиме пет дена во Скопје, во салата на СЦ „Јане Сандански“. Планирано е во процесот да бидат вклучени 14-15 кошаркари. Најголем дел од нив ќе бидат со нас од првиот ден. Вклучително и капитенот Војдан Стојановски, но и Џејкоб Вајли, што е и тоа како битен момент за нас. Ќе настојуваме да тренираме во термините во кои ќе се играат квалификациските натпревари во Перм. Значи од 13:00 до 17:00 часот, да се раководиме по онаа четиричасовна временска разлика со Русија. Ќе работиме по еден тренинг дневно, во тие временски термини“– појаснува селекторот.

Тодоров ја остава како „отворена“ можноста за објавување на дефинитивниот список на патници за Русија.

„Реков и претходно, во оној ноемвриски циклус. Не можеме да бидеме конкретни во таа насока. Прво треба да се преброиме, да се надеваме дека ќе нè послужи здравјето. Дека повеќе нема да се среќаваме со проблеми со кои се сочивме во Талин, што е доста сложено за нас тренерите. Да креираме ростер во кој ќе има сила, енергија да ги издржи сите тие напори кои ги носи овој турнирски систем, едно мини Европско првенство, во својата прва групна фаза. Оттука ќе го чекаме последниот рок за пријава на играчи во ФИБА“.

Вториот дел од подготовките ќе биде реализиран „на лице место“ во Перм.

„За Русија тргнуваме на 15-ти февруари. Планот е за Перм да патуваат 15 кошаркари, од проста причина што таму нè чекаат четири натпревари во пет дена. И би било идеално ако тргнеме на пат во комплетен состав, со сите расположиви сили“– гласи планот на селекторот и неговите стручни соработници пред третиот и најважен циклус од квалификациите.

Во периодот од 18-ти до 22-ти февруари, нашата сениорска селекција треба да одигра четири средби од квалификациите за пласман на Евробаскетот 2022 година, а термините се веќе познати.

Сподели

Можеби ќе ве интересира