Почнува машката кошарка, четири натпревари со два директни преноси

По неколку одложувања, денеска и официјално започнува новата сезона од Првата лига во машката кошаркарска конкуренција, според сите државни протоколи за максимално заштитување на здравјето.

Ова ќе биде 29-ти пат во историјата, каде свој почеток ќе го има нашето најквалитетно натпреварување, но, и за прв пат во едни околности за кои и не може баш да се каже дека се кошаркарски. Во рамките на првата рунда, денеска имаме два натпревари, а вкупно ќе се одиграат четири. Имаме две одложени средби поради недоволен број на подготвени кошаркари во тимовите, и тоа: Вардар – Црн Дрим и Кожув – Пелистер.

Денеска, во СРЦ „Кале“, новиот суперлигаш KK ТФТ (Тафталиџе) Скопје го пречекува КК Куманово. Пред неколку денови, овие тимови имаа свој дуел во БИБЛ лигата каде славеше екипата на Владимир Мирковски. Сега, во националното првенство ќе ги одмерат силите со почеток во 18:00 часот и директен пренос на МТВ 3. Вториот натпревар во ист термин ќе го одиграат KK ФМП Академија и KK Гостивар, во салата „Независна Македонија“, во Скопје.

Утре, во 16:00 часот, вториот состав на МЗТ Скопје Аеродром го пречекува силниот тим на Еуро Никел, а во терминот од 18:00 часот, го имаме вечното дерби на главниот град. Тимот на Работнички е домаќин на МЗТ Скопје со директен пренос на МТВ 3.

Им посакуваме среќа на сите учесници со надеж дека првенството ќе мине во фер-плеј игра и без поголеми проблеми.



Сподели

Можеби ќе ве интересира