Прв пораз за Пелистер, „луд“ натпревар за Куманово во Гостивар!

Вчера беа одиграни неколку заостанати натпревари кои донесоа интересни резултати. Имавме три средби од четвртата рунда, но и еден дуел од третата.

Во терминот од 16:00 часот, рутинска победа над очајниот Црн Дрим запиша составот на ФМП Академија. Екипата од Скопје, водеше во текот на целиот натпревар, а крајниот резултат беше со високи +21, односно 65:86, каде се издвои Атанасов со „дабл-дабл“ учинок – 21 поен и 12 скокови.

Нешто подоцна, од 17:30, до крај неизвесен дуел одиграа тимовите на Кожув и Вардар, каде победникот го добивме по продолжение од 5 минути. Домаќинот Кожув славеше со 86:82 (73:73), а најефикасен беше Американецот Прауел од Вардар, со 28 поени. Во победничкиот тим, се издвои Србинот Силаѓи, кој постигна 22 кошеви.

Од 18:00 часот стартуваше натпреварот помеѓу ТФТ Скопје и Пелистер, единствениот дуел од третата рунда. Убедливата победа на ТФТ од 97:82, значеше и прв пораз во оваа сезона за екипата од Битола. Разликата беше направена во третиот период, а за тоа се погрижија Николов со 21 поен и 9 скокови, Смит со „дабл-дабл“ учинок од 18 поени и 13 скокови, Хортон кој постигна 17 кошеви и Херис со извонреден натпревар – 9 поени, 6 скокови и дури 11 асистенции. Во поразената екипа, Вилијамс имаше 21, а Кесар 19 поени.

Во исто време започна и средбата во Гостивар, каде беше пречекан составот на Куманово. Победата ја однесе домаќинот, бидејќи беше подобар со 91:83, но во луда завршница и навистина неверојатно второ полувреме. Гостиварци имаа предност од 48:41 на полувреме, но третата четвртина им припадна убедливо на гостите – 8:25. Не е објасниво што се случи на паузата од 2 минути, но последниот период, екипата на Мирковски го загуби со огромни 35:17 и замина од гостинскиот паркет со празни раце за 3-ти пораз во 7 рунди. Гостивар, кој е во просек помеѓу највозрасните екипи, полека оди кон врвот со петтата победа.

Лидер останува КК Пелистер со 8/1, па следуваат ФМП со 6/3, ТФТ со 6/2 и Гостивар со 5/3.

Рундата број 13 е во следниот распоред, а планирано е да се одигра овој викенд:

ФМП – Еуро Никел
Кожув – МЗТ Скопје
МЗТ 2 – Куманово
Работнички – Гостивар
ТФТ – Црн Дрим
Вардар – Пелистер

Сподели

Можеби ќе ве интересира