Кошаркарите порачаа: Немаше да патуваме во Талин, ако не постоеше шанса да победиме!

Сениорскиот кошаркарски тим на Македонија, вчера се собра и го одработи првиот тренинг пред квалификацискиот турнир во Талин, Естонија, против домашната селкција и составот на Италија.

Селекторот Тодоров ги одбра 12-те играчи кои ќе бидат краток период на подготовки во Скопје па ќе тргнат на патувањето за првата средба против Италија на 28-ми ноември во 15:00 часот. Два дена подоцна, со почеток во 19:30 играме против Естонија. Поради моменталната ситуација во светот, тренерот нема голем простор за тактизирање, но откажувањето не е опција.

На вчерашниот прв собир, свое видување за КФМ имаа Тодоров и Бојан Трајковски.

Амбицијата кај нас секогаш постои, затоа што се игра за репрезентација и за еден циклус од шест натпревари во кои нема многу време за тактизирање. Она што нам ни се случува овие денови, сигурен сум дека го чувствуваат сите. Единствено нешто што е сигурно во моментов е несигурноста поради пандемијата. Првиот циклус во февруари имавме само еден здравствен проблем. Направивме еден список од 12 играчи со кои ќе тренираме во Скопје, а другите ќе ги чекаме во Талин. Ќе имаме конечна слика по последните тестови. Ова е тешка ситуација за планирање. Во 2020 година во Европа секој игра кошарка, нема слаба селекција. Во која група и да бевме, со кого да се падневме, секој меч ќе беше тежок. Естонија ја има предноста кога е домаќин, но ние и така ќе моравме да одиме во Талин да победиме. И тие имаат свои проблеми, еднакво големи како нас. Во понеделник кога ќе допатуваме таму, кога ќе почнеме со тренинзи, ќе говориме поконкретно затоа што е втор меч. Италија има проблеми исто така, не знаеме со кои 12 ќе дојдат во Естонија. Кога ќе влеземе во тој „балон“ во Талин, секоја селекција ќе ги открие картите. Па и ние ќе ги дознаеме своите адути и ќе може да планираме нешто повеќе како тактика и скаутинг за противниците. Ако не постоеше шанса да победиме, немаше да патуваме за Талин, туку ќе останевме во Скопје и секој ќе си играше домашна лига. Сите се соочуваме со ковид-проблеми, ФИБА оцени дека мора да се игра, така што ќе одиме да се надигруваме, порача Тодоров

Кошаркарите и стручниот штаб вчера се тестираа втор пат пред отпочнување на тренажниот процес, оној во Скопје. Сите добија негативен резултат, а искусниот Бојан Трајковски очекува позитивен – од натпреварите кои ќе се одржат во балонот во Талин.

Сите се тестиравме, моментално сме негативни, а по следното тестирање кое ќе биде последно ќе знаеме кој ќе замине за Талин. На следните два меча сакаме да ги надополниме двата порази од претходниот прозорец. Сите посакуваме позитивен резултат, затоа што сакаме да играме на Европското првенство. Што се однесува до Естонија, јас не играв на првиот меч, но го гледав дуелот и можам да кажам дека ќе биде доста неизвесно. Предност им е домашниот терен. Без разлика во какви состави ќе играат ривалите, ние сакаме да победиме. Тоа е нашата цел.

Сподели

Можеби ќе ве интересира