ТФТ Скопје обезбеди Втора фаза во БИБЛ, по одличното прво полувреме против Ибар!

КК ТФТ Скопје е последниот тим кој обезбеди пласман во Втората фаза од регионалното БИБЛ натпреварување. Потребна им беше само победа против гостинот Ибар од Рожаје и тоа се случи: 91:75 по одличното прво полувреме, односно позитива од 59:32.

Оваа победа е за учинок од 6 успешни средби и 4 порази и изедначување со Теодо Тиват. Но, скопскиот состав има подобар меѓусебен дуел бидејќи на домашен терен славеше со 18 поени предност, а загуби со 15 разлика во Црна Гора.

Лахлан Андерсон беше првиот стрелец во екипата на ТФТ со 24 поени. Страхил Николов имаше 12 поени и 6 скокови како најдобар играч од клупа, додека Амир Смит оствари „дабл-дабл“ ефект – 11 поени и 11 скокови. Тој беше блиску до „трипл-дабл“ – имаше дури 9 украдени топки и 6 блокади.

Следната фаза почнува наскоро, а учество обезбедија: ТФТ Скопје, Куманово, Академик Бултекс, Берое, Хапоел Холон и Хапоел Гилбоа. Ќе се формираат 2 групи со по 3 екипи: една македонска, една бугарска и една израелска.

Сподели

Можеби ќе ве интересира