Црн Дрим одигра добро, но не и да го избегне новиот пораз – Еуро Никел ја оправда фаворитската улога

Тимот на Црн Дрим, денеска беше „тврд орев“ – имаа повеќе од одличен почеток, двоцифрена предност, водеа и по истекот на првото полувреме, но тоа не беше доволно да го совладаат Еуро Никел 2005.

ЦРН ДРИМ – ЕУРО НИКЕЛ    72:79

Веројатно и најдобрата четвртина ја одиграа стружани во мечот против гостите од Кавадарци. Во онаа првата делуваа ефикасно, како никогаш досега во овие изминати кола. Црн Дрим Грин мобиле реализираше дури 31 поен во уводниот период од дуелот со Еуро Никел 2005, што е вистинска реткост – 31:19. Но, работите полека се сменија со почетокот на втората четвртина. Фаворитот на хартија заигра многу подобро, пред се во одбраната. Добро го затворија кошот избраниците на Горан Самарџиев, па до истекот на 20 минути, „симнаа“ најголем дел од двоцифрената негатива. Беа во прифатливо заостанување од само четири поени – 41:45. Добро функционираше стартната петорка на Перо Чочороски. Изненадување за кавадарчани беше Коскоски кој реализираше 10 поени, и заедно со Марсело кој даде 13. Беа предводници во оној офанзивен сегмент на играта во кој на свој начин помогнаа Радически, Миса и Клусен.

На другата страна, во одлично издание се претставви новакот Рикиќ. Највисокиот играч на теренот за 10 минути уфрли 12 поени (ги погоди сите пет обиди за два поени), а еден помалку од него имаше Мијатовиќ.

Она што го најавија во втората, гостите од Кавадарци го реалзиираа во третата. Им требаа скоро осум минути да го комплетираат резултатскиот „кам-бек“ – со поените на Казарновски и на Соколов, да поведат со 60:57. Таков беше резултатот и по 30 минути, односно 62:59 во корист на гостинската екипа. Имаа кавадарчани и уште повисоки 67:61, во 32 минута по реализацијата на искусниот Соколов, потоа и 69:63. Но, кошаркарите на Црн Дрим најдоа сили да „останат во игра“ за позитивен резултат. По поените на Миса имаа -2 за 69:71 на нешто повеќе од четири минути пред крајот на мечот.

Но никако не успеваа да ја симнат таа бариера и да го дофатат водството. Караколев и Рикиќ не им го дозволија тоа. На 2:17 минути пред крајот, Еуро Никел 2005 имаше сигурно водство од 76:71 кое стружани не успеаја да го стигнат, па мораше да се помират со уште еден пораз, за нив дури 11-ти во сезоната, во 12 одиграни рунди.

За кошаркарите на Еуро Никел 2005 ова беше деветтиот натпревар и нивниот шестти триумф во сезоната.

ФОТО/ТЕКСТ: КФМ

Сподели

Можеби ќе ве интересира