Во понеделник започнуваат квалификациите за ЕП во одбојка!

По лошите подготвителни натпревари против Бугарија, каде освоивме три пати по 1 сет и 2 сетови во првиот меч, дојде и тој период – во понеделник ги започнуваме квалификациите за ЕП 2021 во одбојка.

Откако лани имаа успешно деби на европските првенства, целта на македонските одбојкари е да остварат постојаност во учествата на континенталните собири.

Шансата за тоа се зголемува, со оглед дека нашиот главен конкурент во групата го откажа настапот во јануарските квалификации за претстојниот собир во септември 2021 година. Поради Ковид-ограничувањата, Данска нема да игра, па нашата селекција ќе се надмудрува со Турција и со Босна и Херцеговина за настап на ЕП. Тоа е добра перспектива, ако се знае дека македонскиот национален тим е 49-та светска сила според актуелната ранг-листа на ФИВБ, а ЦЕВ го задржа форматот според којшто ќе бидат одредени 24-те репрезентации коишто ќе играат на шампиoнатот во Полска, Чешка, Естонија и Финска.

Првопласираните репрезентации од седумте квалификациски групи, како и петте најдобри второпласирани, ќе обезбедат европска виза. По откажувањето на данците, за втор пласман во елитата едноподруго, според првичните калкулации, на генерацијата на капитенот Никола Ѓорѓиев ќе и бидат потребни две победи против Босна и Херцеговина со 3:0 и со 3:1, како и барем бод од двомечот со фаворитот Турција.

Квалификацискиот турнир ќе го организираме ние во Скопје, во салата „Борис Трајковски, а ќе трае од понеделник до сабота. Одбојкарите веќе започнаа со тренинзите, а првиот натпревар го играме против селекцијата на Босна и Херцеговина во понеденик, со почеток од 18:00 часот.

Сподели

Можеби ќе ве интересира