Данците се откажаа – Скопје е домаќин на квалификациите за ЕП во одбојка!

Откако лани имаа успешно деби на европските првенства, целта на македонските одбојкари е да остварат постојаност во учествата на континенталните собири.

Шансата за тоа се зголемува со оглед дека нашиот главен конкурент во групата го откажа настапот во јануарските квалификации за претстојниот собир во септември 2021 година. Поради Ковид-ограничувањата, Данска нема да игра, па нашата селекција ќе се надмудрува со Турција и со Босна и Херцеговина за настап на ЕП. Тоа е добра перспектива, ако се знае дека македонскиот национален тим е 49-та светска сила според актуелната ранг-листа на ФИВБ, а ЦЕВ го задржа форматот според којшто ќе бидат одредени 24-те репрезентации коишто ќе играат на шампиoнатот во Полска, Чешка, Естонија и Финска.

Првопласираните репрезентации од седумте квалификациски групи, како и петте најдобри второпласирани, ќе обезбедат европска виза. По откажувањето на Данците, за втор пласман во елитата едноподруго, според првичните калкулации, на генерацијата на капитенот Никола Ѓорѓиев ќе и бидат потребни две победи против Босна и Херцеговина со 3:0 и со 3:1, како и барем бод од двомечот со фаворитот Турција.

Откако успешно аплицираше за организација на двата квалификациски турнира, ОФМ дополнително треба да го одреди и да го соопшти календарот и термините за натпреварите коишто ќе бидат одиграни во салата „Борис Трајковски“’ во Скопје. Перидот ќе биде од 10-ти до 17-ти јануари.

Сподели

Можеби ќе ве интересира