Ева Петровска со државен рекорд на 400 метри слободно, државата се уште е рамнодушна за помош

Младата Ева Петровска, од пливачкиот клуб „Аква Про Академија“, постави нов државен рекорд на 400 метри краул (слободен стил) на меѓународниот натпревар „13 ноември“, кој се одржа викендов.

Шеснаесетгодишната пливачка оствари време од 4 минути, 15 секунди и 84 стотинки на 400 метри слободно, па го презеде претходниот рекорд на поранешната олимпијка, Симона Маринова. Со овој резултат, Ева Петровска стана најголемиот кандидат меѓу македонските пливач(к)и за настап на Олимписките игри во Токио, кои беа одложени и се планирани да се одржат следната година. Таа има 764 бодови според ФИНА.

На Фејсбук пак, статус објави тренер од клубот во кој настапува оваа спортистка. Наташа Мешковска потенцираше дека за вакви историски резултати, потребно е да се инвестира и да се понуди помош на младите пливачи, бидејќи тие имаат шанса да ја претставуваат државата во светот. За жал, моментално сите одговорни луѓе и институции се рамнодушни и немаат слух.

Ова девојче, според новите Ковид-19 одлуки на раководството на Спортски центар „БТ“, треба сама да го плаќа секој влез, за секој тренинг. Сакам да прашам, каде е државата, каде е нашата Влада, пливачката федерација, каде се сите овие фактори кои треба да ги заштитат младите таленти кои својот пат одлучиле да го чекорат, во овој случај пливаат во овие „води“. Сега сте ни најпотребни, заедно да се радуваме на овие спортски резултати и идните рекорди на талентираните дечиња.

Ева Петровска освои 6 медали на овој настан, 3 злата, 1 сребро и 2 бронзи.

Сподели

Можеби ќе ве интересира