Турција ја оправда фаворитската улога – Македонија ќе се бори за втората позиција!

Заврши првиот квалификациски турнир во Скопје, за Европското Првенство во одбојка оваа година. Во последниот натпревар денеска, Турција ја оправда фаворитската улога совладувајќи ја Македонија со 3:1 за максимални 3 бодови.

Со овој пораз, Македонија по досегашните игри, реално е да се бори за втората позиција и да бара пласман на ЕП помеѓу најдобрите второпласирани селекции. Првиот сет убедливо му припадна на турскиот тим со 25:16. Во вториот покажавме подобра игра и го израмнивме резултатот на 1:1 во сетови со 25:18. Но, националниот тим на Турција започна со „полн гас“ и ја покажа својата сила. Третиот сет им припадна со 25:18, а во четвртиот немавме апсолутно никакви шанси бидејќи противникот одлучи тука да стави крај на денешната средба, победувајќи со високи 25:12.

По првиот турнир, лидер е Турција со максимални 6, па нашиот тим со 3 и БиХ со 0 освоени бодови. Вториот турнир започнува веќе утре, со натпреварот помеѓу Македонија и аутсајдерот Босна од 18:00 часот. Повторената средба со Турција е планирано да ја одиграме во сабота, по што ќе се знае конечниот успех во овие квалификации за ЕП 2021.

Сподели

Можеби ќе ве интересира