ФУТСАЛ: Македонија ремизираше со Романија, јубилеј за Ранготов

Македонската футсал репрезентација вчера го одигра својот втор дуел во квалификациите за Европското првенство и ремизираше 2:2 против фаворитот Романија.

Ова беше прв домашен натпревар, по гостувањето и поразот во Босна и Херцеговина од 2:1.

Македонија започна добро, и поведе со 1:0 преку голот на Даниел Дандан во првото полувреме. Но, не успеавме ниту 1 минута да ја задржиме предноста. Веќе во следниот напад, бразилците во романскиот состав експресно се потрудија да израмнат на 1:1. Во 33-та минута, по грешка и лошо преземање во одбраната, Романија постигна погодок за 2:1. Но, не се предадовме и скоро до крајот на натпреварот игравме без голман, па тоа се исплатеше. Капитенот Дарко Ранготов по една конфузија во одбраната на Романија со удар од 6 метри постигна убав погодок и донесе бод на селекцијата на Македонија. За него, ова беше и 100-ти натпревар во дресот на Футсал тимот.

На вториот натпревар, БиХ изненадувачки ја совлада Србија со 4:2 и сега се високо на првото место со 6 бодови, потоа следува Романија со 2, а Македонија и Србија со по еден освоен бод.

На почетокот на месец март, првин гостуваме во Србија, па играме во Скопје на домашен терен. 

Сподели

Можеби ќе ве интересира