Футсал: Македонија ќе игра квалификации за ЕП?

Репрезентацијата на Македонија во Футсал добива шанса за директен влез во главната квалификациска фаза за ЕП 2022, откако селекцијата на Англија ги откажа настапите од баражот кои беа закажани за 8-ми и 9-ти ноември во Скопје.

Преку официјален допис до ФФМ, Англиската фудбалска Асоцијација како главнa причина за откажување ја посочи епидемиолошката состојба поврзана со епидемијата предизвикана од Ковид-19 и препораките од здравствените власти во Англија.

Одлуката е споделена до УЕФА и се чека на официјална потврда околу пласманот на Македонија во главната фаза на квалификации за ЕП 2022. 

Во врска со оваа одлука, свое видување за сајтот на ФФМ даде и селекторот на футсал репрезентацијата на Македонија, Васко Скендеровски.

За нас е многу важно да се пласираме во главната фаза квалификации за ЕП и тоа беше наша цел и пред да ја добиеме информацијата од англиската асоцијација за нивното откажување. Посакувавме победа на терен, сепак за тоа се подготвуваме и работиме, но ова е време кое едноставно не може да се предвиди и свесни сме за предизвиците со кои се соочуваме од здравствен аспект. Во очекување сме на одлуката на УЕФА, а потоа ќе размислуваме за идните репрезентативни натпревари.

Доколку се донесе позитивна одлука, нашиот состав ќе се најде во групата 4, заедно со: Србија, Босна и Херцеговина и Романија.

Ова ќе биде 12-то ЕП во Футсал, а Македонија нема никогаш учествувано – 9 пати неуспешни квалификации и 2 пати без официјален тим.

ИНТЕРЕСНИ ИНФОРМАЦИИ:

Прв пат имаме одиграно натпревар со Хрватска во 1999 година – пораз од 12:2,
Најголемата победа е над Бугарија во 2002 година со 21:2,
Вториот најголем пораз е од Русија со 10:0 во 2000 година.

Сподели

Можеби ќе ве интересира