Барселона прилично лесно против ПСЖ, Кил излезе како победник во тешката битка со Веспрем!

Денеска започна „Фајнл Фор“ турнирот во „Ланксес Арена“ во Келн, каде силите ги одмерија Барселона и ПСЖ во првиот, односно Кил и Веспрем во вториот натпревар.

Со почеток од 18:00 часот, Барселона прилично лесно и доминантно одигра против „богатите французи“ и славеше со 37:32. На полувреме, шпанскиот гигант имаше 18:14, па во вториот дел се играше ракомет убав за око кој ни понуди „гол за гол“ цели 30 минути. Финалето го обезбеди целата екипа, тоа е сигурно, но мора да се напомене во прв план одличната партија на Дика Мем, кој шутираше 8/9. Зад него, Палмарсон постигна 6, а Јанц и Фабрегас по 5. Во составот на ПСЖ се издвои Дилан Наи, кој исто така имаше само едно промашување, односно 9/10. На голот на Барселона, поголем период беше Кевин Мелер и забележа 14 интервенции. Толкав број имаше и ветеранот Винсен Жерар.

Нешто подоцна, по завршување на овој интересен меч, од 20:30 започна и дуелот помеѓу Кил и Веспрем. Германците славеа на „домашен терен“ со 36:35 по двете одиграни продолженија, откако регуларниот дел заврши 29:29. Кил на полувреме замина со 18:13, но тоа не беше доволно и не го обесхрабри унгарскиот шампион да тргне во офанзивна во вториот дел. Се виде подобрување во играта во тимот на Давид Дејвис, па со погодоците на Маргуч и Борозан, Веспрем во неколку наврати се доближи, а замина и на огромни +4 во еден момент, 24:28. По еден тајм-аут на младиот тренер Филип Јиха, Кил искористи неколку грешки, и го изедначи резултатот на 28:28. Во следниот напад имаше и 29:28, но Веспрем се избори за продолженија. Нашиот Дејан Манасков беше половично успешен и постигна 2 погодоци, а имаше и можеби едно клучно промашување во второто продолжение при водство на неговиот тим. Најефикасен беше Хендрик Пекелер со 8/9, а без грешка беше неверојаниот Никлас Екберг со 7/7. Бледа партија даде Сандер Сагосн кој шутираше дури 5/14. Во тимот на Веспрем, како што кажавме, Маргуч и Борозан постигнаа по 7. Ландин имаше 10 интервенции, додека на другата страна, Коралес беше извонреден и помогна во голема мера за ваков резултат.

Веспрем останува со тој „непобеднички менталитет“, па утре ќе се бори за бронзената медала со ПСЖ, за сезона 2019/20. Финалето е со почеток од 20:30 часот.

Сподели

Можеби ќе ве интересира