ЕХФ ЕЛ: Металург не знаеше за одбрана… Играше ли Еурофарм Пелистер во второто полувреме?

Во Европската лига на ЕХФ, денеска своите натпревари од третата рунда ги одиграа и Металург и Еурофарм Пелистер. Скопската екипа не знаеше за одбрана, а битолскиот состав како да не излезе на теренот во вториот дел.

Од 18:45 часот, во спортската сала „Боро Чурлевски“, Еурофарм Пелистер го пречека Кадетен Шафхаузен, но за жал одигра нерешено и не успеа да ја запише премиерната победа во натпреварувањето. Екипата на Жељко Бабиќ имаше напад за +8, но не го реализираше па во последните секунди од првото полувреме, швајцарскиот тим го намали резултатот на 16:10. Се чини дека по полувремето влегоа во психолошка предност и повеќе го посакуваа триумфот. Еурофарм Пелистер одигра катастрофални 30 минути и уште еднаш не успеа да го сочува високото водство што е директна вина на самиот тренер. На самиот крај, мечот сепак заврши со 25:25, откако повторно во последните секунди Кадетен постигна погодок и успеа да избегне пораз на гостувањето во Битола. Стипе Мандалиниќ постигна 7 погодоци од 10 обиди и беше најефикасен на денешниот натпревар. Во следната рунда на 24-ти ноември, битолчани гостуваат во Германија против силниот фаворит Рајн Некар Левен.

Вечерниот термин од 20:45 беше резервиран за Адемар Леон и изморениот Металург Скопје. Долгиот пат од скоро два дена со автобус не треба да биде оправдување но не треба да биде ни прифатливо решение. Оливер Димитриоски не успеа да ја постави играта во одбраната против незгодните домаќини па тимот прими дури 41 погодок. Разликата беше направена уште во првите 15-тина минути, па до самиот крај, темпото го диктираше Адемар и се играше со брз ритам, во кој, нашиот претставник успеа да дојде до 32 погодоци. Прв на листата на стрелците беше Рубен Марчан со 8 од 8, а зад него во спротивниот табор, Златко Хорват беше сигурен со 7 од 7. Следниот меч за Металург е против Ејон Фајферс на домашен терен – голема шанса за прва победа или барем прв бод во Европската лига за сезона 2020/21 по две одиграни средби.


Сподели

Можеби ќе ве интересира