Жељко Бабиќ: Во Европската Лига нема фаворити, а Урош Зорман е одличен тренер!

Хрватскиот стратег кој е на чело на Еурофарм Пелистер, Жељко Бабиќ, во кратко интервју за својот клуб појасни дека во Европската Лига не треба да се зборува за фаворитска улога.

На прашање што очекува од дуелот што следува, гостувањето кај Требње во Словенија и одличниот нивен водач Урош Зорман, тој посочи дека се е можно и не треба да се обрнува внимание на фаворитската улога пред мечевите, бидејќи таа не постои во овој период.

Верувам дека во ова натпреварување нема фаворити, посебно што многу екипи имаа проблеми со Ковид-19. Видовме дека Тримо Требње ја победи Татабања, иако унгарскиот тим беше фаворит. Мислам дека улогата на фаворит не треба ни да се спомнува. Важно ни е што се враќаме во натпреварувачки ритам, ова ни е трет натпревар во низа, имаме интензитет на тренинзите, играчите се поспремни од пред 10-15 дена и очекувам добра презентација на нашиот тим.

За словенечкиот тренер имаше само пофални зборови, бидејќи и резултатите тоа го покажуваат.

Од мој тренерски агол можам да кажам дека Урош Зорман врши одлична работа. Одличен тренер е и тоа е видливо на секој чекор. Екипата е дисциплинирана, страотно брза, казнува од транзиција, добро играат еден на еден и со пивотмен. Тимот е одлично селекциониран и добро воден од тренерот Зорман.

За составот на Бабиќ ова ќе биде исклучително тежок предизвик, иако Требње влегува со лигашки пораз. Тоа е воедно и прв неуспех на Зорман, кој го презеде тимот на почетокот на 2020 година.

Сподели

Можеби ќе ве интересира