ЖРК Куманово славеше во дерби дуелот со Металург

Женскиот ракометен клуб на Куманово со 30:23 славеше на гости во дерби натпреварот со ЖРК Металург Скопје.

Тоа беше судир на две досега непоразени екипи, кои во претходните рунди, заедно со Вардар СЦБТ кој исто така славеше во оваа рунда со 17 голови разлика над Шампион, покажаа најмногу.

На полувреме, Куманово имаше 2 голови предност, односно резултатот по 30 минути игра беше 11:13. По голем број на грешки на почетокот на второто полувреме на тимот од „Автокоманда“, гостинките отидоа на брзи +5, па го диктираа темпото до крајот на натпреварот. Имаа и највисоки 9, кои на крајот се спуштија на одлични 7 голови предност и сигурна победа во најтешкото гостување сезонава.

Најефикасна во домашниот состав беше Тасевска со 6 погодоци. Во победничкиот тим на Куманово, Јанкуловска беше лидер на стрелците со 7 погодоци, а зад неа Боризовска со 6 и Трајковиќ со 5 погодоци. До ваков резултат, составот на Куманово со сигурност дојде и поради 16-те одбрани на Митровиќ.

Со оваа победа, ЖРК Куманово направи голем исчекор во освојувањето на првенството.

(ФОТО: https://zrk.rkmetalurg.mk/ )


Сподели

Можеби ќе ве интересира