Мандалиниќ останува во Еурофарм Пелистер: Градот и тимот имаат душа, задоволен сум!

Хрватскиот ракометар, Стипе Мандалиниќ, го продолжи договорот со РК Еурофарм Пелистер на уште 1 година и 6 месеци, откако веќе половина година ги брани боите на битолскиот гигант.

На половина од неговата прва сезона во Битола, Мандалиниќ и клубот во перфектна согласност дојдоа до продолжување на соработката и за сезоната 2021/22.

Мандалиниќ се наметна со својот капацитет, квалитет и харизма и по шест официјални натпревари беше најдобар стрелец на Еурофарм Пелистер оваа есен. Одигра 21 натпревар за екипата и веднаш стана миленик на битолските љубители на ракометот. На Струшкиот турнир во август беше прогласен за најдобар ракометар, велат од клубот.

28-годишниот хрватски интернационалец играше за Фуксе Берлин од 2017 до 2020 година, а претходно ги носеше дресовите на Загреб, Карловац и Сплит. Со хрватската репрезентација има бронза од Светското првенство во Шпанија, во 2013 година.

Мандалиниќ посочи дека првите 6 месеци во Битола, за него се огромно и убаво искуство.

Првите шест месеци во Битола за мене беа едно убаво искуство. Немавме многу натпревари, не можевме добро да влеземе во форма, но во екипата гледам многу потенцијал и добро работиме и тренираме. Мојот впечаток за овој период е многу позитивен. Што се однесува до градот, градот е мал, но има душа. Живее за спортот, посебно за ракометот. Тука е одлично за моето семејство, во овој град се пронајдов, среќен сум во Битола и така ја договоривме соработката за следната сезона. Клубот се стреми за големи цели, почнувајќи од тренерот и стручниот штаб. Откако размислив и се консултирав, одлучив да ја продолжам соработката.

Во вториот дел од сезоната натпреварите се збиени. Ќе има многу натпревари, но не ме плаши збиениот календар, бидејќи играв во Бундеслигата, каде што се играат три натпревари неделно. Треба многу да се работи и да бидам искрен, го гледам тимот многу високо. Како ќе оди текот на сезоната ќе видиме, но одиме натпревар по натпревар.

Еурофарм Пелистер сезоната ја продолжува на 6-ти февруари на гостински терен против тимот на Загреб, во рамките на регионалната СЕХА лига.

Сподели

Можеби ќе ве интересира