Маџовски: Бевме многу лоши во Требње, но, утре ќе ја вратиме самодовербата со победа!

Во кратко интервју за својот клуб, Бојан Маџовски ги прифати критиките и самиот посочи дека на гостувањето кај Тримо Требње одиграле катастрофален натпревар, со најголем број на промашени зицер-ситуации досега.

Можам да ви кажам дека во Словенија го имавме еден од нашите најслаби натпревари. Иако создававме позиции и шанси, постоеше голем проблем со реализацијата. Противникот не нè изненади со ништо од тоа што го подготвувавме, па дури и можам да кажам дека го спречивме нивното најсилно оружје – транзиција и брзата игра. Сепак, со тринаесет промашени зицери, тешко се добива натпревар.

На прашање, колку влијае психолошката блокада при голем број на неуспешни моменти каде Еурофарм Пелистер бил најблиску до собирање на целиот „плен“, Бојан посочи:

И минатата, а и оваа сезона се соочуваме со тоа дека и на добиени натпревари, не ги освојуваме бодовите. Веруваме дека и тоа ќе го надминеме. Го оставаме последниот натпревар зад нас, се спремаме и во вторник се надеваме дека ќе излеземе како победници.

Маџовски беше искрен и кажа дека атмосферата во клубот е добра и напорно се тренира, но, сепак, барем една победа е потребна за кревање на самодовербата и продолжување на сезоната со уште поголеми успеси.

Вториот натпревар со Тримо Требње, сега во Битола на домашен терен, Еурофарм Пелистер го игра утре со почеток во 20:45 часот, а со директен пренос на МРТ 1. По четири одиграни рунди, нашиот тим се наоѓа на 5-та позиција со 1 реми и 3 порази.

Сподели

Можеби ќе ве интересира