МРК Куманово во тешки услови бележи успешни резултати, следуваат натпревари за влез во Суперлигата и гостување кај Металург во Купот на Македонија

Машкиот ракометен клуб на Куманово моментално настапува во Втората лига, а наскоро ќе ги започне дуелите во плејоф разигрувањето – борба која овозможува пласман во најсилното натпреварување во државата, Суперлигата.

Клубот долг период е составен од локални искусни играчи, но и млади таленти кои напорно работат за време на подготвителните и натпреварувачки периоди. Финансиската ситуација и условите во кои треба да се напредува, не се на завидно ниво, но првиот дел од сезоната го изиграа максимално посветено, каде остварија и победи кои на „хартија“ не се очекувани. Во „пролетниот дел“, Куманово ќе одигра вкупно 14 рунди, а во првите седум, распоредот изгледа вака: РК Аеродром (гости), Металург 2 (гости), Вардар Неготино (дома), Скопје 2020 (гости), Шампион (дома), Јехона (гости) и Драчево (дома). Секој викенд, почнувајќи од 27-ми февруари, планирано е да се одиграат овие средби. Подоцна следуваат и реванш мечевите, а најдобрата екипа, односно само првопласираниот тим оди во „бараж“ за Суперлигата, каде ќе се одмеруваат силите со второпласираниот тим од плеј-аут лигата.

Тренерот на екипата на МРК Куманово, Александар Јанчиќ посочи дека конкуренцијата е силна но нема тимови кои се издвојуваат прекумерно, па очекува неизвесни дуели и вистински ракомет, со борба и желба за прогрес.

Ќе бидам искрен и ќе кажам дека тимот на Куманово го очекува многу тежок период, бидејќи само првото место од вкупно 8 екипи во плеј-оф групата, ќе обезбеди бараж за најелитната лига во македонскиот ракомет. Тука голем чинител е и финансиската состојба,  но, ние ќе го дадеме својот максимум, а каде има простор ќе дадеме шанса и на младите играчи кои имаат огромен талент и желба за докажување. Првичниот план го остваривме, па можеме малку порелаксирано да излеземе на терен, рече тој.

Утре, во четврток од 18:30 часот, Куманово првин ќе одигра Куп натпревар против скопскиот гигант Металург. Натпреварот првично требаше да се одигра на домашен терен, но освен салата во Економското училиште (која се реновира), ниту една друга не ги исполнува условите кои ги налага ракометната федерација. Металург во изминатиот период од 12 денови, имаше големи здравствени проблеми, но има и играчи од клупата кои се доволно квалитетни. Вистинско изненадување ќе биде доколку Куманово обезбеди пласман во следната фаза, но спортот за тоа и служи – се случувале резултати на кои поголемиот дел од јавноста не се надевала. Натпреварот ќе биде директно пренесуван на Официјалниот Јутјуб канал на РФМ.

Во меѓувреме, тимот се подготвува и е во тренажен процес, а одигра и еден контролен натпревар со екипата на Македонија Ѓ.П, во кој со 26:22 оствари победа. На средбата се издвои Давид Цветковски како најефикасен, а своите способности ги покажа и младиот голман Даниел Димитријевски.

Сподели

Можеби ќе ве интересира