По еден месец пауза, Вардар повторно на мегдан во ЛШ

Ракометниот клуб Вардар 1961, по еден месец пауза во Лигата на шампионите и одиграната прва рунда, денеска ќе настапи на домашен терен против германскиот гигант Фленсбург.

Денеска, со почеток во 20:45 часот, Вардар 1961 ќе ги одмери силите со германскиот силен состав на Фленсбург, откако натпреварите со Елверум и Пик Сегед беа одложени.

За разлика од нашиот тим, германците не беа во ситуација да паузираат поради позитивни играчи во противничкиот состав, па ги одиграа сите 3 претходни рунди и се со максимален учинок. Фленсбург на домашен терен беше подобар од Виве Киелце и Порто, а на гости, во втората рунда го совлада францускиот шампуон, ПСЖ. Исто така, паралелно се игра и ракометната Бундес Лига, во која овој тим има 3 победи во 3 одиграни средби. Последната е пред 4 дена, против Минден.

Вардар тргнува во поход по првите бодови, затоа што во првата рунда со 24:22 беше подобра екипата на Мешков Брест, пред точно еден месец.

Составот на Стевче Алушовски мораше да организира две пријателски средби за да се одржи тимскиот дух и физичката подготвеност. На 7-ми октомври, Вардар одигра меч со Бутел Скопје и славеше со 29:22. Два дена подоцна, одиграа и со Металург Скопје, каде остварија уште една победа овој пат со поголем број на голови, 37:28.

Натпреварот со Фленсбург ќе биде директно емитуван на МТВ 1 со почеток во 20:40, а репризно издание ќе има во 00:00 на третиот канал.


Сподели

Можеби ќе ве интересира