РАКОМЕТ ЖЕНИ: Куманово прими едноцифрен број на погодоци, сигурна победа и на Вардар СЦБТ

Денеска на програмата беше 11-та рунда од Првата женска ракометна лига, а по долго време, комплетирани беа сите 6 натпревари. Поради непарниот број на екипи, слободен беше Чаир.

Во терминот од 12:00 часот, се одиграа два натпревари. Спартак лесно се справи на гости со Шампион и оствари победа од 22:31, додека пак, Металург Скопје на домашен терен забележа изненадувачки пораз од Стружанка со тесен резултат 21:22. Тимот на Гевгелија убедливо славеше против Кузман Вардар (најслабиот во првенството кој има 0/9) со 34:22 во терминот од 14:00 часот. Три часа подоцна, бевме сведоци на една сигурна победа и еден неверојатен меч на моменталниот лидер на табелата оваа сезона. Вардар СЦБТ славеше на домашен терен против Деспина со 30:20, а во Куманово, тимот на Ненад Краљевски буквално ја прегази екипата на Кометал Ѓорче Петров со огромни 48:9. Во последниот меч од 18:00 часот, Овче Поле одигра интересен меч и оствари победа над очајниот Пелистер кој по 5 рунди нема бод, со 27:25.

Куманово по 10 одиграни средби има 28 поени и е со +3 пред Вардар СЦБТ кој има и натпревар повеќе. Со по 9 одиграни мечеви, Металург Скопје и Чаир имаат по 21 освоен бод, Стружанка 19 а Гевгелија е на 6-то место со 16 бодови.

Сподели

Можеби ќе ве интересира