РК Клубови во Европа: Очекуван висок пораз за Металург, Еурофарм Пелистер со ново разочарување!

Македонските ракометни клубови, Металург од Скопје и Еурофарм Пелистер од Битола, вчера одиграа натпревари во Европа, односно регионот. За жал, не беа успешни и забележаа нови порази во своите лиги.

Прв на програмата беше Металург, кој во Русија за дуелот со Чеховски Медведи замина со само 11 ракометари. Здравствени проблеми си го направија своето, па Металург се враќа во Скопје со празни раце од 6-та рунда во Европската Лига. Реално за очекување беше и пораз со високи 13 голови разлика, за конечните 40:27. Рускиот состав кој во минатото служеше за поправање на „гол-разликата“ во ЛШ, сега е во подобра ситуација во ЕЛ со нови и искусни имиња во својот состав, како што се: браќата Котов, Косоротов, Кулак, Кишелев, Ермаков и Острашенко. Чеховски се на учинок од 2 победи и 1 пораз, а Металург останува на дното со 1 реми и 3 порази.

Во терминот од 20:00 часот, Еурофарм Пелистер гостуваше кај ППД Загреб, дуел во рамките на втората рунда од регионалната СЕХА Лига. Натпреварот заврши со победа на домаќините од 26:23, по водство на Еурофарм Пелистер од 11:14. Тимот на Жељко Бабиќ повторно остана без сили и завршница во средината на второто полувреме, и запиша нов пораз, прв во СЕХА по победата против Металопластика.

Во следните рунди, на 14-ти февруари е планирано Металург да го пречека фаворитот Висла Плок, а Еурофарм Пелистер да игра со Прешов во Битола при крајот на месецот. Додека пак, Еурофарм Пелистер својот следен натпревар во Европската Лига треба да го игра за 3 денови против Татабања.

Сподели

Можеби ќе ве интересира