ВТОР ДЕН РГ: Испаднаа Крајиновиќ и Оже-Алијасим, маратон на Ѓустино и Муте

Вториот ден на Ролан Гарос е во завршна фаза и во глобала имаме очекувани резултати. Сепак, имаше и некои на кои тениските фанови не се надеваа, што е апсолутно нормално.

Денот започна со рутинската победа на еден од главните фаворити за освојување на турнирот во Париз, Доминик Тим. Австриецот со само 10 изгубени гема дојде до лесна победа против Марин Чилиќ. Но, нешто подоцна, по вчерашниот пораз на Борна Чориќ, се случи уште едно големо изненадување – натпреварувањето го заврши младиот канадски талент, Феликс Оже-Алијасим. Тој загуби од јапонецот Јошихито Нишиока и тоа со 3:0 односно 7:5 и два пати по 6:3. Изгледаше очајно на теренот и имаше дури 28 грешки повеќе од вкупниот број на винери. Канаѓанецот го заврши мечот со 61% освоени поени на мрежа, што е недозволиво.

Второ изненадување на турниот е поразот на Филип Крајиновиќ од неговиот сонародник, Никола Милојевиќ, кој воедно е и прв пат во главен ждреб на еден Грен Слем турнир. Тој обично игра на Челинџер турнирите, каде и два пати славел еднаш во 2018 во Фергана, Узбекистан и минатата година во чешки Либерец. Денеска, дуелот на србите заврши во негова полза со 1:3 во сетови.

Како трет интересен но сосема очекуван резултат, може да се напомене и поразот на Фабио Фоњини. Тој остана поразен од една година помладиот казахстански тенисер, Микаил Кукушкин со 1:3 и 0:6 во четвртиот сет. Италијанецот имаше 7 двојни грешки.
Луѓето од светот на тенисот можат честопати да кажат дека на Фоњини не му било до игра овој пат, но можеше да предизвика внимание излегувајќи на теренот во тренерки. Некои од тенисерите се жалат на временските услови, па можат само вака да си помогнат.

Маратонскиот меч пак, помеѓу Лоренцо Ѓустино и Корнтан Муте, кој вчера беше прекинат, па преместен за денеска, заврши по долги 6 часа и 10 минути напорна борба, што е втор најдолг меч во историјата на Ролан Гарос. Муте освои повеќе поени и гемови, но поуспешен беше италијанецот Ѓустино во петтиот сет со 18:16. Тој имаше неверојатни 96 неизнудени грешки, скоро 40 повеќе од успешно погодени винери. За него, ова е прва победа надвор од Челинџер ниво.

Рафаел Надал во својот прв меч на неговиот омилен турнир, лесно и како на тренинг, што беше и очекувано, го победи Игор Герасимов со 0:3, за 2 часа игра. Тој е освојувач на последните 3, а има вкупно 12 титули на Ролан Гарос со скор од 93 победи и само 2 порази.

Своето натпреварување го заврши и францускиот рекет број 1, Гаел Монфис, откако загуби од Александер Бублик со 1:3 после 2 ипол часа игра.

Првиот носител на турнирот, Новак Ѓоковиќ, е на утрешната програма но не пред 14:00 часот, против Микаел Имер.

Сподели

Можеби ќе ве интересира