ТРЕТ ДЕН РГ: Циципас и Рубљов со пресврти, Џонсон освои само два гема

Стефанос Циципас и Андреј Рубљов, до своите победи во првата рунда од Ролан Гарос, стигнаа така што го свртеа резултатот во нивна полза кога беа во негатива од 2:0 во сетови. Искусниот Стив Џонсон пак, освои само неверојатни 2 гема против Карбаљес Баена.

Денот започна со сигурни победи на Матео Беретини врз Васек Поспишил и Џорџ Харис против Алексеј Попјурин. Во исто време, победа од 3:1 оствари Кристијан Гарин, но и Марк Полманс, кој како аутсајдер во овој меч го победи Уго Имбер.

Нешто подоцна, можеби не треба да се посочи како изненадување, но Кевин Андерсон го совлада Ласло Џере со 0:3 во сетови. Србинот на својата омилена подлога не успеа да освои ниту сет, против високиот бомбардер од Јужна Африка, кој во минатото не покажа голема желба за земјената подлога.

Долг меч играа Контан Халис и Маркос Гирон. По 4:30 часа игра, подобар беше американецот со 8:6 во петтиот сет.

Искусниот Стив Џонсон пак, освои само неверојатни 2 гема против Карбаљес Баена за 1 час и 25 минути игра. Тој успеа да направи 44 неизнудени грешки со само 12 винери и да го забележи најлошиот меч во неговата кариера.

Пет сета играа и Сем Квери и Андреј Рубљов, но само за време од 3:20. Искусниот aмериканец сервираше за победа во третиот сет при резултат 2:0 и 5:4, но не успеа да остане сконцентриран. Потоа следуваше пад во неговата игра, па тоа го искористи брзиот русин и го сврте натпреварот за пласман во втората рунда каде на „хартија“ го чека нешто полесен меч со Давидович Фокина.

Се мачеше и Стефанос Циципас кој исто така имаше заостанување од 2:0 во сетови против одличниот Жауме Мунар. Сепак, знаењето и поголемата желба за прогрес му донесе резултат на гркот, па по 3:10 часа игра стигна до победа и закажа дуел со Пабло Куевас. Мунар имаше само 21 грешка наспроти 38-те винери, но без ефект.

Рутинска победа со 3:0 во сетови оствари Новак Ѓоковиќ, кој му препушти само 5 гема на младиот Имер. Тој во наредната рунда игра со Рикардас Беранкис кој го совлада Делиен со 3:0. Од другите денешни резултати, можеме да ги издвоиме триумфите на: Лајовиќ, Димитров, Баутиста, Балаз, Монтеиро и Мартин.

Сподели

Можеби ќе ве интересира